Охрид ќе добие патека на религијата и толеранцијата, каде отисоци од раце ќе остават петнаесет видни учесници на Светската конференција за дијалог меѓу цивилизациите, дознава Ohridnews.
На петнаесет коцки свежа глина секоја од личностите ќе стави отисок од левата рака и ќе се потпише.
Од коцките ќе се направи бакарна плоча која ќе биде поставена на одредена локација во Охрид како симбол на мирот. Се размислува плочата да биде поставена кај Св. Софија или на кејот, но одлуката за тоа ќе ја донесат градските власти, ни изјави Петар Јованоски од државниот протокол.
Идејата ја прифатиле премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
Засега не се откриваат имињата на личностите кои ќе остават отисок од рака, но се знае дека тоа ќе бидат високи гости, учесници на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржува во Охрид.
Горан Момироски