Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата  на општина Охрид и донира 16 одбројувачи за семафори и друга помошна опрема со која ќе се придонесе кон подобрувањето на безбедноста на сообраќајот. Како што напомена претседателот на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот, Стојче Стаменковски, одбројувачите за семафори ќе се наменети за пешаците со единствена цел- подигнување на нивната безбедност како особено ранлива категорија на учесници во сообраќајот.

Општина Охрид ја препозна потребата од преземање на соодветни мерки за унапредување на безбедноста на сообраќајот и со денешниот настан ќе го означиме почетокот на големиот  број сообраќајни, едукативни активности кои заеднички ќе ги реализираме во текот на наредниот период. Целта е подобрување на безбедноста во сообраќајот во кој, како целни групи ќе бидат опфатени домашните и странски туристи. Овој настан треба да биде пример и за останатите општини, за зголемување на безбедноста во сообраќајот . Апелирам до сите учесници да бидат одговорни, да ги почитуваат правилата и прописите,  да го почитуваат ограничувањето на брзината и да не возат под дејство на алкохол, рече Стаменковски кој додаде дека предвидено е во Охрид да бидат донирани и семафори кои ќе бидат поставени на критичните  точки на улиците во градот.

Градоначалникот Никола Бакрачески изрази благодарност за донацијата и што токму Охрид е меѓу првите градови во земјата , кој по теркот на градовите во западните земји ќе добие одбројувачи за семафори наменети за пешаците.

Во летниот период во Охрид има многукратно зголемена фреквенција на учесници во сообраќајот. Со ова значително ќе се придонесе кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, ќе се овозможи побезбеден и пофункционален проток на сите учесници во сообраќајот , ќе се влијае врз подигање на свеста, на претпазливоста на пешаците со оглед на тоа што ќе имаат можност преку овие одбројувачи да го знаат точното време кое преостанува за да се премине на пешачките премини, рече градоначалникот Бакрачески.

По извршените анализи на надлежните служби заедно со СВР Охрид и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот ќе се одлучи на кои локации ќе бидат поставени одбројувачите.

OhridNews