Охрид ќе биде центарот на културната редакција што ќе работи во рамките на проектот „Веб-Деп“,што заеднички го спроведуваат националните новински агенции од Македонија, Србија и Албанија (МИА, ТАНЈУГ и АТА).

Ова го договорија претствниците на новинските агенции од трите држави на состанокот што вчера се одржа во Охрид. Тие сметаат дека Охрид е вистинското место каде треба да има културна редакција, оттаму што тука се одржуваат поголемиот дел од меѓународните културни манифестации во Македонија, а како главен туристички центар е погоден да биде домаќин на идните средби, иницијативи и активности што би произлегле во иднина од проектот.

Проектот „Веб-Деп“ што се спроведува со поддршка на Европска унија, пред се е замислен како активност со основна цел воспоставување соработка и меѓусебно разбирање меѓу луѓето од Македонија, Србија и Албанија, приближување кон европските стандарди преку унапредување на концептите и инфраструктурата за размена на информации, како и зајакнување на демократските принципи и практики и меѓународната соработка.

Ohridnews