Околу 300 учесници од голем број европски земји ќе бидат дел од Меѓународната регулаторна конференција што од 18-ти до 20-ти мај 2015 година ќе се одржува во Охрид.

Околу организацијата и реализацијата на овој настан логистичка поддршка ќе даде и Охридската локална самоуправа. За таа цел претставници од Агенцијата за електронски комуникации–АЕК, во текот на денешниот ден остварија работна средба со Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

-На конференција  се очекува  присуство учесници од Србија, Бугарија, Црна Гора, Финска, Турција, Хрватска, Романија, Кипар, Молдавија, Кралството Белгија, Албанија, Косово и останати држави од регионот и од Европа. Дел од настанот ќе бидат и  претставници на Меѓународната унија за телекомуникации како и претседателот на Бордот на директори на Европското тело на регулатори за електронски комуникации, г-ѓа Фатима Барош, информираат организаторите на конференцијата.

Во рамки на меѓународниот собир учесниците од различни земји ќе имаат можност директно да се запознаат со македонската култура, традиции и белезите  карактеристични за охридскиот регион.  

Меѓународната регулаторна конференција се одржува трета година по ред.

OhridNews