Националниот парк ,,Галичица“, Завод и музеј од Охрид,  ,,Охридско лето“ и ,,Фестивалот на француски филм“, ќе бидат главните туристички адути со кои што Охрид ќе се престави на манифестацијата ,,Промотивни денови на Југозападниот плански регион“, која што ќе се одржи  на 19 јуни, сабота,  на плоштадот ,,Македонија“ во Скопје.

– Овие институции и културни манифестации се најпрепознатливите туристички и културни брендови за Охрид, па затоа сметавме дека најдобро е истите да бидат најважниот дел од презентацијата на карктеристичните белези и богаствата на Општина Охрид.-вели Горан Мицкоски, од Секторот за локален и економски развој, при Општина Охрид.

Од Центарот за развој на Југозападниот плански регион, чие што седиште е во Струга, велат дека подготвуваат богата презентација на досегашните активности, проекти и идните планови за стопански, културен и туристички развој на регионот.

-Денес и утре имаме интензивни состаноци на кои што ги координираме активностите и планот по кој треба да се одвива  целата манифестација. Овој начин на презентација на Планските региони, има за цел да ги презентира економските, културните, традиционалните и туристичките потенцијали на општините кои егзистираат во нив.–велат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Тие објаснуваат дека оваа манифестација ја организира Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија –ЗЕЛС, заедно со осумте центри за развој на планските региони, со подршка на  Министерството за локална самоуправа, Секретаријатот за европски прашања и ГТЗ – Владина германска организација за техничка поддршка.

Во рамки на Југозападниот плански регион, покрај Охрид спаѓаат и општините Струга, Дебарца, Кичево, Осломеј,  Дебар, Македонски Брод, Вевчани, Центар Жупа, Другово, Вранешница, Пласница и Зајас.

Е.Е.