Инспекциите најавуваат строга контрола и казни, министерот за здравство олабавување на мерките за сместување туристи. Ни криви ни должни Охрид и охриѓани овој продолжен празничен викенд се ставени помеѓу чеканот и наковалната. Граѓаните од општините каде беше прогласена целосна забрана за движење од синоќа во 21 часот до понеделник во 05 часот, масовно ги напуштија своите живеалишта и се упатија за Охрид и другите туристички места. Дел од нив тука имаат викенд станови и куќи, а дел што би рекле охриѓани „се снајдоа“.

Колони возила со регистарски таблички од Скопје, Куманово, Тетово и други краеви од земјата, синоќа и после почетокот на полицискиот час пристигнуваа во Охрид. Од утрово, пак, во градот е раздвижено како во шпиц на сезона.

 

Министерот за здравство Венко Филипче кој само пред два дена објави враќање на полицискиот час во земјата поради значително зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи на Ковид 19, на прес конференција денеска кога во земјата се регистрирани 180 нови случаи, најмногу од почетокот на пандемијата, изјави дека место за паника нема. Тој уверува дека зголемениот број случаи се должи на зголемениот број тестирања во семејствата каде претходно биле регистрирани заболени од коронавирус, како и дека 90% од нив се асимптоматски случаи.

Факт е дека туристичките места се пренатрупаа. Секој следен викенд ќе биде со убаво време и ќе биде можност луѓето да патуваат, затоа планираме и отварање на хотелите, но каде и да се патува важат универзалните мерки – носење маска, редовна дезинфекција и држење дистанца- рече Филипче.

Според министерот на Македонија не и се заканува италијанско сценарио поради масовното движење од една во друга општина, што е случај сега во Охрид и другите туристички места.

Нема простор да се споредуваме со Италија. Познати се мини кластерите кај нас и тие се следат. Луѓето секако ќе заминеа за продолжен викенд и ќе заминуваат наредните викенди, доаѓа лето и сезона на одмори. Не можеме да го запреме движењето. – одговори Филипче на новинарско прашање за целта на повторното воведување полициски час.

Запрашан зошто Бугарија не изолира, а Грција не дозволува влез на македонски државјани доколку се е во ред кај нас, Филипче со одговор дека земјата не е изолирана и има добра стратегија.

Соседите ја ценат само бројката, но не ги знаат другите работи. Бројката како бројка не значи ништо ако не се знае целта и зошто се прават зголемениот број тестирања. Ние моравме да го направиме тоа за да ги следиме бројките и да направиме сопствена стратегија. – објасни министерот за здравство.

Филипче рече дека не се размислува за воведување карантин при што нема да биде дозволено движење од општина во општина, сценарио кое даде резултат во Дебар, и беше применувано во повеќе држави, посочувајќи дека ќе мора да се навикнеме да живееме со ваквата состојба.

Нема да можеме да се справиме со вирусот ако граѓаните не се придржуваат до мерките. Ако се почитуват мерките за заштита нема да има проблем. – додаде Филипче.

OhridNews