Во Охрид денеска се одржува втор круг од Локалните избори на кои граѓаните по осми пат на непосредни избори ќе изберат Градоначалник кој ќе ја води општината во следните четири години. Се избира помеѓу двајца кандидати.

Како што информира Претседателката на Општинскатата изборна комисија, Антигона Сионов, утрово во 7 часот отворени се сите 88 избирачки места во Охрид, а изборниот процес тече без проблеми.

Во избирачкиот список за територијата на општина Охрид, запишани се 52 477 лица со право на глас.

Што велат правилата?

Гласањето трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност
од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

Вклучувања во живо, резултати, анализи

OhridNews одблиску ќе ги следи случувањата од вториот круг на локалните избори за Градоначалник на Општина Охрид, во текот на целиот изборен ден, недела 31.10.2021.

Следете ги најновите информации и случувања од терен преку нашата отворена програма со вклучувања во живо на нашата Фејсбук страна и порталот ВО 11:30, 13:30, 15:30 И 17:30, како и отвореното студио после 19ч. во кое редовно ќе ги ажурираме резултатите од изборите и ќе се вклучуваме во живо од партиските штабови.

Г.М.