Охрид исполнет за новогодишните празници со бројни домашни и странски гости. Зголемена раздвиженоста се бележи во чаршијата, на градскиот кеј, но и на сообраќајниците.

Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера за Новогодишните празици според најавите делумно се исполнети, додека помалите сместувачки капацитети, станови и апартмани се целосно исполнети.

За дочекот на Новата година и годинава најголем број од гостите се од соседните држави, Бугарија, Србија, Албанија, но и од земјава.

За Охриѓани и гостите кои овие празнични денови се во Охрид подготвена дводневна новогодишна програма која почнува денес напладне со настап на хорот при КУД „Гердан“ на градскиот плоштад. На истата локација од 13 до 15 часот ќе се одржи новогодишната театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“.

Вечерва со почеток во 20:00 часот на плоштадот ќе настапат естрадните уметници Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy.

Новогодишната програма продолжува на 1-ви јануари точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон“ на градскиот плоштад, како и проектот „И повторно Евергрин“ кој ќе го изведат Лидија Кочоска – вокал, Влатко Груевски – вокал и Андреа Наунов – пијано и вокал.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков 2022 година ја оценува како успешна.

Предизвикувачки само по себе е да бидеш градоначалник на Охрид, град со голема традиција и град во кој многу треба да се работи за да се смени сликата и перцепцијата генерално за повеќе работи, а секако и за она кое за нас е основна работа коешто го нудиме и живееме сите на еден или друг начин, а тоа е туризмот. 2022 со сите предизвици и проблеми ќе ја оценам како добра година за оваа локална самоуправа и успешна, и за мене секако, и се надевам дека 2023 ќе ни донесе само подобри моменти и уште многу многу реализирани проекти за граѓаните на Општина Охрид, вели Пецаков.

Н.С.Ј.