Интернационалната ликовна колонија „Рамацоти“ чиј организатор и спонзор е кавадарчанецот Зоран Јосифов по традиционален, шести пат се одржува во Охрид. Оваа година на колонијата учествуваа деветнаесет уметници од Македонија, Америка, Словенија, Босна, Англија, Србија и Бугарија. Во рамките на колонијата се создадени преку педесетина дела кои ќе бидат изложени за пошироката јавност во Културно-информативниот центар во Скопје.
Зоран Јосифов
Уметниците, учесници на колонијата, велат дека имаат одлични услови за работа,инспиративна околина и дека нивното меѓусебно дружење во рамките на колонијата влијае на начинот на нивната работа во смисла на поинакво согледување на сопственото сликање и на создавање на подобри дела.
Македонските сликари Јана Куновска и Роберт Цветковски првпат учествуваат на оваа колонија. За Јана Куновска логично е собирањето на уметниците од целиот свет на вакви колонии, затоа што тие доаѓајќи од различни делови на светот ја носат тука својата енергија, а сите заедно дополнителна енергија и инспирација за сликање добиваат од езерото.
Роберт и Јана
Роберт Цветковски вели дека секогаш го подржува организирањето на ликовните колонии, затоа што на тој начин сликарите и помагаат на Македонија и се нејзини амбасадори. Со личните познанства и контакти ги канат сликарите од цел свет да учествуваат на вакви колонии и на тој начин да ги запознаат убавините на нашата земја. Во спротивно, тешко дека некој од светски познатите уметници на своја рака би дошол во Македонија.
По препорака на Роберт Цветковски, Глигор Чемерски и Сергеј Андревски, годинава за прв пат во Македонија е и светски познатиот сликар Џон Чепмен. Тој е воодушевен од престојот тука, од луѓето што ги сретнал и од извонредната убавина на Охрид и околината. Деновите ги поминува во сликање, но и пливање, како и во посета на црквите и манастирите во охридско.
Џон Чепмен
Чепмен претходно бил и во селото Слоештица, демирхисарско, кое исто така било инспиративно за него и каде насликал две слики. Пријатно е изненаден од начинот на работа и функционирање на колонијата. Вели дека имал потполна слобода за работа, а дружењето со останатите сликари и нивните дела вели дека го промениле него и неговата работа. Друга важна димензија за работа во колониите се контактите и врските кои притоа се создаваат а тоа се пријателства што остануваат и по завршувањето на колонијата. На Чепмен му се допаѓа начинот на кој функционираат ликовните колонии во Македонија и вели дека има пријатели во Америка кои веќе биле учесници во македонските ликовни колонии и кои искуствата сега ги пренесуваат во организирањето на ликовни колонии во Америка.
Учесник на колонијата оваа година е доајенот на македонското сликарство Глигор Чемерски. За условите за работа во рамките на колонијата на брегот на Охридското Езеро вели: „Најважно на ваква средба е да имате идеални услови за работа. Нашиот светец и заштитник Св. Лука ни помогна. Имавме идеална недела за сликање и во такви идеални климатски услови излезе дека сме подобри сликари одошто мислевме дека сме“.
Глигор Чемерски
За сликарот Јовица Дејановиќ од Србија работата во колонија ги врзува сликарите со различен темперамент, а помладите учат од бардовите на сликарството како што е Чемерски.
Според Илија Спасов-Чендо ова е сигурно една од поеминентните колонии во Македонија, не само по имињата на учесниците, туку и по делата кои остануваат. Благодарение на организаторот Зоран Јосифов и на убавиот амбиент за сликање во Охрид, создадени се слики кои треба да ги види пошироката јавност во Македонија.
Сликарската колонија „Рамацоти“ која беше отворена на 23-ти август завршува утре.
Јасминка Т. Момироска