Општина Охрид бележи висок процент на имунизација, кој изнесува над 97 %, но надлежните информираат дека се уште има семејства кои не се свесни за важноста на вакцинацијата или поради одредени анти-кампањи не ги вакцинираат своите деца.

За таа цел во рамки на Европската недела на имунизација, од 20-ти до 26-ти април 2015 година Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом од Охрид спроведоа низа активности во кои беа опфатени невакцинираните и нерегистрираните деца.

-По повод неделата за имунизација се прочистуваше и се проверуваше евиденцијата за вакцинација на граѓаните и беше спроведена теренска вакцинација за населението што не е вакцинирано. Во рамки вакцинацијата беа опфатени неколку ромски семејства кои не го почитувале календарот за вакцинации, а беа одржани и едукативни предавања за родителите во Детската градинка „Јасна Ристеска“,информира д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.

Таа објаснува дека најнизок степен на имунизација има кај ХПВ вакцината за која се уште има отпор кај родителите.

-Вакцината за ХПВ е воведена од 2009 година како задолжителна за девојчињата на возраст од 12 до 14 години. Иако е задолжителна, сепак некои од родителите одбегнуваат да ги вакцинираат своите девојчиња иако до сега не се евидентирани негативни последици кај оние кои ја примиле оваа вакцина, вели д-р Стурлакова Корвешовска.

Исто така одреден отпор се појавува и за вакцината МРП, која поради актуелната анти-кампања родителите ја поврзуваат со аутизмот.

-Во првото тромесечје од 2015 година имаме мал пад на опфатот со МРП вакцината бидејќи родителите сметаат дека вакцината е со сомнителен карактер. Овие мислење на родителите се резултат на анти-кампањата која вакцината МРП ја поврзува со аутизмот, што е погрешно. Според календарот за вакцинација оваа вакцина е предвидена на 12-месечна возраст, а во истиот период кога се дава оваа вакцина почнува психичкиот раст и развој на детето, кога се забележуваат и првите симптоми на аутизмот, па затоа се создава погрешно мислење дека за ова заболување виновна е вакцината МРП, појаснува д-р Стурлакова Корвешовска.

Во Република Македонија, како резултат на доследното следење на светските трендови во поглед на политиката на здравствена заштита, се спроведува редовна вакцинација против повеќе инфективни заболувања. Вакцинацијата се започнува уште првиот ден по раѓањето на детето во самите породилишта и се одвива според календарот за вакцијација. Според овој документ, кај секое дете во пропишана старосна возраст се спроведува вакцинација против следните заболувања: туберкулоза, хепатитис Б, дифтерија, тетанус, пертусис, рубеола, морбили, паротитис, детска парализа, хемофилус инфлуенце и ХПВ.

Е.М