Охриѓанецот Ѓоко Танески по 15 години минати на домашната музичка сцена е подготвен за поголем предизвик. Целта му е да настапи на годинешниот Евросонг во Норвешка, за што верува дека го има потребниот квалитет. Со песната „Јас ја имам силата“ по втор пат, ќе настапи на домашниот избор на песна за Евровизија и верува во успех. Зад себе има два албуми „Збогум најмила“ од 2007 и „Никогаш доста“ од 2009, подготвува голем концерт во Скопје и потајно се надева на настап во Осло.

– Имам добра песна. Претходните години не настапив затоа што не ја најдов вистинската песна, оваа година мислам дека ја имам и со самото тоа што се пријавив да учествувам на националниот избор на песна за Евровизија одам на победа, но ќе видиме што ќе биде. Сигурен сум во себе, песната е  квалитетна и верувам ќе им се допадне на  сите што ќе ја слушнат, вели Ѓоко Танески.

Текстот и музиката за песната „Јас ја имам силата“ се на Кристијан Габроски кој се потпишува и на аранжманот заедно со Дарко Тасев. Во песната удел има и Ѓоко Танески, кој е воодушевен како звучи конечната верзија.

– Ретко ми се случува финалната верзија да ми се допадне од прва, но токму тоа се случи. И Кристијан и Дарко го почувствуваа тоа и сметам дека имам адут за победа, оптимист е Ѓоко Танески.

„Јас ја имам силата“ е поп рок песна, со добри гитари кои ги свири уште еден талентиран охриѓанец Дамјан Пејчиноски. Во песната има и рап за кој е задолжен специјалниот гостин Мистер Ајс. Изведабата, најавува Танески, ќе биде класична бендовска без други сценски аранжмани.


Учесниците на Скопје фест 2010 се познати. Ѓоко Танески вели дека ги слушнал рефрените на конкурентите и смета дека има најдобра песна, која, како што рече, е полн погодок. Но, Танески е свесен дека само добра песна не е доволно за настап на Евросонг.

– Не е се само во добрата песна, потребен е и добар настап, но успехот зависи и од други фактори, од тоа колку си во моментот популарен, но и од маркетинг и лобирање. Сметам дека оваа година имам адути, но ќе видиме што ќе биде викендов, истакна Танески.


“Скопје Фест 2010” – рефрени, прво полуфинале

Ѓоко Танески ќе настапи на првата полуфинална вечер во четврток под реден број 10, а покрај од фановите ја очекува и поддршката од охриѓани.

– До сега не сум лобирал никаде, но сметам дека можам да ја претставам Македонија во добро светло и се надевам на голема  поддршка од охриѓани на претстојниот избор на песна за Евровизија, рече Танески.

Настапот на Евросонг значи многу , а потврда на тоа е и фактот што речсиси сите најдобри пејачи од Македонија настапиле на овој голем музички настан, така што тоа е и моја желба, додаде  Ѓоко Танески. Тој смета дека настапите на нашите досегашни претставници биле добри, но за финалниот пласман во голема мера одлучува и лобирањето. Сепак најзначајно за успех на Евросонг е добра песна, смета Танески.


Покрај за Евросонг, Ѓоко Танески сериозно се подготвува за својот соло концерт што ќе се одржи на 8-ми април  во Универзална сала во Скопје. „Деновиве треба да излезе и спотот за „Никогаш доста“, и вложувам максимални напори да ја одржам кариерата во нагорна линија и го остварувам тоа што го планирам веќе 15 години“, објаснува Танески. Тој е задоволен од досегашниот тек на кариерата и од заработувачката, иако како што рече, кризата се чувствува и во музичкиот бизнис.

Oд неодамна Ѓоко Танески се занимава и со угостителство. Заедно со неговиот голем пријател Александар (Аце Баланс) се сопственици на кафе-пабот „Кастело“ во Охрид. Вели дека се снаоѓа солидно во новата улога, иако како што рече  Законот за заштита од пушењето негативно се одразува на работата на угостителските објекти.

До среда Ѓоко Танекси батериите ќе ги полни во својот Охрид, по што заминува во Скопје каде на 18-ти февруари ќе нстапи во полуфиналето од националниот избор на песна за Евровизија под реден број 10. Финалето е во сабота на 20 февруари.

Горан Момироски