Под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС”  од 16-21 октомври, Црвен крст Охрид  ќе ја одбележи Неделата на борба против гладта.

Предвидени се голем број активности кои ќе бидат насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и шољи за чај како и прибирање на прехрамбени производи, а собраните средства ќе бидат наменети за приготвување на хуманитарни пакети за помош на сиромашните и гладни наши сограѓани, беше речено на прес конференцијата на Црвениот крст, по повод Неделата на борба против гладта.


Во соработка со Локалните самоуправи на Охрид и Дебарца, односно со образовните институции и предшколските установи, децата ќе приготвуваат хуманитарни пакетчиња за своите врсници, другарчиња кои се социјално загрозени. Помогнати од ресторанот Далга и Градинар Охрид, ќе бидат приготвени прехрамбени оброци кои активистите на Црвен крст Охрид во текот на Неделата на борба против гладта, ќе ги дистрибуираат до оние наши сограѓани кои од здравствени, социјални причини или старост, не се во можност сами да приготват оброк.

Црвениот крст апелира до граѓаните, фирмите, институциите да се вклучат во кампањата за Неделата на борба против гладта и заеднички да се направи нешто за оние на кои им треба подадена рака за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица, велат од Црвениот крст.

Ohridnews