Со полагање свежо цвеќе на спомен плочата на охридскиот кеј денес им беше оддадена почит на 15-те бугарски туристи кои ги загубија своите животи во големата несреќа на бродот „Илинден“ која се случи пред шест години во водите на Охридското Езеро.

Почит на загинатите им оддадоа претставници од охридската Локална самоуправа, Советот на општина Охрид, охридската Капетанија на пристаништа, членови на здружението „5- ти Септември“, како и претставници на Културно информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.

-Искажуваме голема благодарност на општина Охрид и на сите кои го почитуваат споменот на нашите загинати сограѓани. Болката и страдањето за загинатите се големи и денес, но благодарни сме што почитта кон загинатите продолжува, рече Светлана Славова од Културно информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.

Заменик градоначалникот на општина Охрид Ангел Јанев рече дека бродската несреќа е еден од најлошите настани за охридскиот туризам, но сепак не му нанела големи штети на Охрид во поглед на бројот на гости.

-Никој не посакуваше да се случи оваа несреќа. Секако дека таа порака не беше убава за светот од една страна, меѓутоа од друга страна статистички гледано бројот на туристите кои доаѓаат од Бугарија секоја година и после несреќата е се поголем и поголем. Тоа ни праќа една друга порака дека Охрид како град и Република Македонија се обидуваат и прават се она што е во корист на туристите. Тоа што се случи не беше грешка на градот Охрид меѓутоа таквите несреќи не потсетуваат и не опометуваат на некој начин да го подобруваме квалитетот на сите туристички услуги кои ги даваме, истакна Јанев.

Капетанот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски рече дека постојано работат на поборување на условите за побезбеден сообраќај во Охридското Езеро.

-Ние неуморно и постојано работиме на подигнивање на свеста на сите оние кои учествуваат во внатрешната пловидба и на сите учесници во наутиката. Се преземаат конкретни мерки за регулирање на бродскиот сообраќај, подигнување на стандардите за техничките прегледи на чамците и начинот на нивното движење. Со сите тие мерки кои што се преземени и што следат се надеваме дека нивото на безбедноста во одредена мера ќе биде повисоко, рече Устијаноски.

Инаку бродот „Илинден“ потона во Охридското Езеро на 5- ти септември 2009 година во 10.35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи, но благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани, беа спасени останатите 38 туристи од Бугарија кои се превезувале со бродот.

OhridNews