Денеска во 12 часот и 30 минути, во просториите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) по пат на ждрепка ќе се формираат двојките во баражот за учество во Првата македонска фудбалска лига.

Дел од баражот е охридскиот фудбалски клуб, кој натпреварувачката сезона во Втората македонска фудбалска лига-запад ја заврши на втората позиција на табелата. Друштво на Охрид му прави составот на Тиквеш од Кавадарци, кој на источната конференција заврши на втората позиција.

Потенцијални ривали на Охрид и Тиквеш се Ренова и Силекс. Прволигашите Ренова и Силекс завршија на деветтата односно десеттата позиција и по пат на бараж ќе бркаат опстанок во прволигашкото друштво.

Натпреварите од баражот се играат на неутрален терен, најверојатно во Скопје на Националната арена „Тодор Проевски“ и терените од ФФМ. Мечевите неофицијално се закажани за 25 мај (вторник).

OhridNews