Акција за бесплатни превентивни прегледи на граѓаните во рамки на превентивната програмата „Здравје за сите“ на Министерството за здравство почна вчера и ќе се спроведува до крајот на месецот во сите здравствени домови или на фреквентни места во градовите.

Целта на акцијата која се спроведува во пресрет на летниот период и престојните високи температури е да се подигне свеста кај граѓаните без оглед на возраста за континуирана грижа за своето здравје и вршење навремени превентивни прегледи.

Во рамки на акцијата која почна вчера веќе се спроведуваат бесплатни превентивни прегледи во Скопје, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Кавадарци и Кичево. Денеска се спроведуваа бесплатни превентивни прегледи во Кочани, Крива Паланка и Куманово, а утре ќе се спроведат во Охрид, Прилеп и Струга, на 22 јуни во Струмица, Тетово и Велес, на 23 јуни во Штип, Берово и Македонски Брод, на 24 јуни во Валандово, Вевчани и Виница, на 25 јуни во Делчево, Демир Хисар и Кратово, на 26 јуни во Крушево, Неготино и Пехчево, на 29 јуни во Пробиштип, Радовиш и Ресен, а на 30 јуни во Маврово-Ростуше, Свети Николе и во Битола.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека бесплатните превентивни прегледи ќе бидат според однапред утврден распоред, а секој здравствен дом ги организира во определен ден според распоредот од 8 до 11 часот и на точно определена локација.

Покрај лекарскиот преглед, посочи министерот, медицинските тимови од здравствените домови вршат мерење на крвен притисок, телесна тежина и висина и одредување ниво на шеќер и маснотии во крвта.

– При тоа се даваат и совети за грижа за здравјето, препораки за начин на исхрана, а во пресрет на високите температури и совети за превенција од температурните влијанија. Резултатите од извршените мерења на граѓаните им се соопштуваат веднаш, а лицата кај кои ќе се утврдат повисоки вредности се советуваат и се упатуваат на натамошни прегледи преку својот матичен лекар, истакна Тодоров.

OhridNews