Општините Охрид и Струга  сметаат дека одлуката на македонската влада новиот визен режим што на сила стапува на 1 февруари, да важи и за граѓаните на Р. Албанија е преуранета и ќе предизвика сериозни штети на охридско-струшкиот пограничен регион. Според владината одлука граѓаните на Албанија во иднина наместо на граница како што досега беше практика, визи за влез во нашата земја ќе мора да вадат во Амбасадата на Македонија во Тирана.

„Сметам дека тоа е погрешна одлука и дека истата ако не друго барем да се одложи исто како што тоа го направи Бугарија при влегувањето во Европската унија“, изјави за ohridnews градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Тогаш Бугарија одолговлекуваше со таквата одлука и ја донесе на крај кога веќе мораше да го стори тоа, и во овој момент најдобро е и Македонија така да постапи, вели Петрески. Ваквата владина одлука мошне негативно ќе влијае на туризмот во Охрид и Струга бидејќи во последно време најчести гости на ривиерата се тие од Албанија кои се и добри потрошувачи и затоа одлуката за воведување на нов визен режим кон оваа земја треба да се пролонгира, додава Петрески.


Против воведувањето нов визен режим за Албанија-Мерко и Петрески

Сличен став има и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. „Мислам дека одлуката за воведување нов визен режим за граѓаните на Албанија е преуранета“, вели Мерко. Албанските граѓани во голем број ги посетуваат македонските туристички места, и не само Струга  Охрид туку и зимските центри, додава Мерко. Тој посочува дека во последно време над 80% од гостите во струшките хотели се од Албанија. „Затоа ние како Евро-регион во кој партиципираат општините Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, од Македонија, односно, Поградец. Корча и Билишта од Албанија, како и грчките градови Лерин и Костур бараме да се укине визниот режим помеѓу трите држави“, вели Мерко. Според него, доколку новиот визен режим стапи на сила во голема мерка ќе се намали и трговската размена и ќе влијае на економскиот развој на пограничните градови, а штета ќе трпат и туристичките капацитети. Тој појаснува дека наместо да се носат вакви одлуки, владата треба позитивно да одговори на барањето на општина Струга за отворање на нов граничен премин со Албанија кај селото Радожда, што е во согласност со програмата за развој на Евро-регионот.


Граѓаните на Албанија се разочарани од одлуката на македонската влада
Агим Влошни „ Top chanell“ Албанија

Граѓаните на Албанија се револтирани од одлуката на Македонија да воведе нов визен режим за изјави за ohridnews Агим Влошни- новинар на „Top Chanell“ -Албанија. Доколку ваквиот визен режим стапи на сила албанските граѓани ќе имаат големи потешкотии да дојдат во Македонија. „ Албанија и Македонија се две соседни држави кои се доста поврзани, а згора на тоа еден од условите за влегување во НАТО и ЕУ е и олеснувањето на визниот режим, а ваквата одлука не оди во тој прилог“, вели колегата Влошни. Според него тоа негативно ќе влијае на развојот на пограничните градови во Македонија и на трговската размена меѓу двете земји. Албанија ги укина визите за граѓаните на Македонија и затоа најавата за воведување на нов визен режим од страна на Скопје создаде политичка нервоза во Албанија, вели Влошни кој изрази надеж дека сепак нема да дојде до спроведување на таквата одлука.

На најавите за воведување нов визен режим кон Албанија реагираше и Стопанската комора на северозападна Македонија која бара од македонската Влада да ја повлече одлуката за воведување визи за државјаните на Албанија.

Горан Момироски

фото:Васко Бујароски