Службите за спречување на недозволената трговија со дроги при Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од годинава откриле  вкупно 232 кривични дела од областа на недозволена трговија со дроги.

Најголемиот број од случаите-67 се откриени на подрачјето на СВР Скопје, по што следи Охрид каде се откриени 44 кривични дела од областа на недозволена трговија со дроги. Од тоа на подрачјето на ПС Охрид регистрирани се 16 кривични дела “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции”, и 14 “овозможување на употреба наркотични дроги”, при што се запленети четири килограми и 787,52 грама марихуана; 4,47 грама хероин; 95,36 грама хашиш; 20 таблети екстази; 184 милилитри метадон; три стебла и 46 парчиња семе од растението “канабис сатива”.

На подрачјето на ПС Кичево кое исто така е под надлежност на СВР Охрид се откриени  пет кривични дела “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции”, а на подрачјето на ПС Струга регистрирани се шест такви кривични дела.

Во првите 6 месеци од годината на територија на целата држава пронајдени биле и одземени вкупно: 82 килограми хероин;  553 килограми марихуана; 4,57 грама кокаин; 2.106 таблети екстази; како и помали количини друг вид дрога. Се проценува дека вкупната вредност на запленетaта дрога на домашниот нарко-пазар изнесува околу пет милиони евра.

Ohridnews