„Добре дојдовте во земјата каде што ве пречекуваат планини облеани со сонце!“ Вака започнува репортажата за југозападниот дел од Македонија, објавена синоќа на Чешката телевизија, пренесува МИА .
Се редат видеоснимки од подготовките и прославата на православниот Божик, обичаите и верувања за Бадник низ сокачињата на Крушево. На патот кон Прилеп, во околните села се претставени одгледувачи на тутун и подготовките за испраќање на православната Нова година, преку претворањето на луѓето во џоломари, исконски чудовишта кои ги бркаат лошите духови од старата година.
Белината на планината Баба, со највисокиот врв Пелистер освојува како од најголемите природни убавини и режисерот не пропушта да ги покани Чесите да ја посетат Македонија и споредено со Чешка за малку пари вистински да уживаат во скијањето и сонцето.
– Од старото исконско имаме можност да уживаме во модерниот креативизам на Македонците – вели модераторот најавувајќи ги видеоснимките од Вевчанскиот карневал каде што се редат учесниците со најразлични маски.
Репортажата, која е направена со помош на поединци и Амбасадата на Македонија во Прага, завршува со македонскиот бисер, Охрид, Охридско Езеро и прославувањето на Водици, Богојавление, кога според христијанското предание свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Огромниот број верници, кои го бакнуваат крстот, кој го носи оној најсреќниот кој прв го фатил во студените води на езерото, симпатично се коментира: навистина убаво чувство за време на празниците во Македонија кои се идеална можност и причина за дружење на населението.
OhridNews
МИА