Охрид и ова лето ќе биде центар на забавата со музички концерти и настапи за сечиј вкус.
Според најавите, концертното „лудило“ започнува утревечер на 22-ри јули на плажата „Парк“ во Охрид каде концерт ќе одржи еден од најголемите ех ју рок состави „Рибља Чорба“. Старт 21 часот.
Вистински музичко уживање овој петок приредува ресторанот „Острово“ во Св. Наум. Во единствениот амбиент покрај изворите на Дрим настапува извонредниот акустичен бенд „The FRAJLE“ од Нови Сад, Србија. Забавата започнува во 22.30 часот, а со купена карта за настанот за посетителите обезбеден е бесплатен превоз со брод „Александрија“ кој за Св. Наум тргнува во 19.30 часот од градското пристаниште, а се враќа назад после завршување на забавата.
Во сабота на на 23-ти јули, на стадионот Билјанини Извори, голем концерт ќе одржи балканската ѕвезда Дино Мерлин. Организаторите најавуваат концерт кој што ќе трае цели 3 и пол часа, во чии рамки публиката ќе може да ужива во најгоемите негови хитови, како и во композициите од наговиот последен албум „Хотел Национал“.
Наредниот викенд односно во сабота на 30-ти јули на стадионот Билјанини Извори настапува миленикот на женската публика Саша Ковачевиќ. Концертот во Охрид е дел од неговата летна турнеја низ Македонија.
Наредниот викенд на плажата „Парк“ во Охрид ќе започне седмото издание на GREEN BEACH FESTIVAL кое ќе се одржува два дена. На 30-ти јули во сабота настапуваат англискиот диџеј и продуцент James Zabiela и најбараната јужноафриканска суперѕвезда и aпсолутниот феномен на современата електронска сцена Black Coffee. На 31-ви јули во недела настапува најпопуларната техно сензација Dubfire и популарниот германски проект Âme (DJ set) кој ги освои светските подиуми со својата неприкосновена музичка продукција.
На 1-ви август во организација на „Авалон Продукција“ на стадионот Билјанини Извори ќе се одржи музичкиот настан „Ohrid Calling“ на кој ќе настапи познатиот светски диџеј Nicky Romero заедно со белгискиот хитмејкер Lost Frequencies.
На 1-ви август на сцената во Долни Сарај концерт ќе одржи популарниот рок бенд од Србија „Ван Гог“. Концертот е дел од нивната роденденска турнеја по повод 30 години кариера. „Ван Гог“ пред неколку месеци го објави и изданието „Ако станемо губимо све“, на кое се сместени освежени аранжмани на 12 од нивните најпознати песни, меѓу кои „Неко те има ночас“, „Мама“, „Коло“, „Она и ја“, „Списак разлога“ и други.
На 4-ти август по повод роденденот на фестивалот Охридско лето, во барот „Куба либре“ концерт ќе одржи Дамјан Пејчиновски-Трио.
Во рамки на програмата на Охридско лето на 6-ти август на Античкиот театар во Охрид свој концертен настап ќе има Артуро Сандовал е еден од најдинамичните и најенергичните музичари на денешнинава. Тој е добитник е на 10 Греми награди, 6 Билборд награди и една Еми награда. Редовно настапува со водечките симфониски оркестри низ светот, а соработката со некои од најголемите музички ѕвезди денес резултирала со бројни компакт-дискови. На Фестивалот ќе настапи заедно со својот бенд – Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.
Отворената сцена на Античкиот театар на 13-ти август ќе биде резервирана за концерт на најнаградуваниот гитарист на сите времиња, Ал Ди Меола. Неговиот настап е во рамките на промотивната турнеја за неговото последно албумско издание со наслов „Elysium“.
На 14-ти август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид концерт ќе одржи еден од најатрактивните лајв бендови во светската музичка индустрија на сите времиња, The Prodigy кои за прв пат ќе има свој open air концерт во Македонија. The Prodigy имаат продадено над 25 милиони албуми, а нивните спектакуларни концерти се препознатливи по нивната неверојатна еуфорија.
Освен во овие големи концертни настани, охриѓани и туристите кои ова лето ќе престојуваат во Охрид ќе може да уживаат во голем број живи свирки и диџеј забави во охридските ноќни клубови. За деталите за забавните настани во Охрид кои се случуваат секојдневно, може да се информирате во рубриката „ШТО, КОГА, КАДЕ“ на најчитаниот интернет портал во регионот OhridNews.
OhridNews