Голем број деца и родители присуствуваа на спортскиот отворен ден што во организација на ЈП “Билјанини  Извори”, Црвен крст – Охрид и Сојузот за училишен спорт- Охрид, за прв пат денеска се одржа во Охрид. СРЦ Билјани извори ги отвори вратите за младите љубители на спортот, кои имаа можност да заиграат фудбал, кошарка, бадминтон, тенис, хокеј на трева, да се пробаат во некоја атлетска вештина, а беше организиран и меѓународен кошаркаски трунир. Покрај охридските екипи, на турнирот  учествуваа и гости од јуниорската школа од Нови Сад.



Покрај презентација на спортските дисциплини на хепенингот беа промовирани и здравиот начин на живот и исхрана. Во рамките на манифестацијата ЈП “Билјанини  Извори” и спортската агенција „Старс“ од Нови Сад-Србија, потпишаа меморандум за соработка во областа на спортот. Со него се предвидува соработка во областа на  спортскиот туризам, организација на турнири во сите спортови и за сите генерации, едукативни работилници, семинари и обука на стручен кадар, како и заеднички проекти со кои ќе се аплицира пред фондовите на ЕУ.


На  потпишувањето на меморандумот присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, кој истакна дека локалната самоуправа и во иднина силно ќе ги поддржува ваквите манифестации кои се во прилог на развојот на спортот и физичката култура кај младите. Притоа тој на ЈП “Билјанини  Извори”, Црвен крст – Охрид и Сојузот за училишен спорт- Охрид им упати  честитка за реализацијата на  одличната идеја која на спортскиот центар привлече голем број охриѓани.