Кога нешто се работи со љубов и без импровизација, позитивните резултати се неизбежни вели Мишо Вујовиќ, координатор на промотивните активности за Охрид кои изминатите неколку месеци се реализираа во Србија и Босна и Херцеговина.

-Воопшто не е тешко да се промовира Охрид и за неговите убавини да им се раскажува на другите, затоа што градот има многу  да понуди. Граѓаните на Србија овде се чувствуваат како дома, поради големата гостопримливост на домаќините и големата духовна поврзаност,  потенцира Вујовиќ, кој е и директор на Националната ревија “Србија”. 

Охридските туристички агенции се задоволни од реализираните промотивни активности за Охрид. “ Очекуваме дека летово бројот на гостите од Србија и Босна и Херцеговина ќе биде поголем за разлика од ланската сезона” , велат  од Туристичката Агенција Вис Пој.

Во знак на благодарност за спроведената промотивна кампања за Охрид, Градоначалникот Александар Петрески на својот гостин од Србија, Вујовиќ, му подари посребрена реплика од Св. Климент Охридски.  “ Ваквите активности многу значат за развојот на туризмот во Охрид” , рече Петрески.


Промо кампања за представување на туристичката понуда на Охрид под наслов “Дојдете дома” во српските медиуми започна на 29 април во емисијата Унца на НТВ- Ниш, со прилог во времетраење од 20 минути. Од крајот на април до средината на јуни емитувани се прилози, репортажи и специјални емисии на повеќе од 120 телевизии во Србија и Босна и Херцеговина.

Објавени се и бројни прилози за Охрид на радио- станици, интернет страни, дневни листови и ревијални изданија. Од страна на редакцијата на Националната ревија, снимен е и спот за Охрид во времетраење од 4 минути, а се подготвува и промо- филм “ Град на бисерите” .  



Промотивните активности за Охрид се резултат на соработката помеѓу Секторот за локален и економски развој при Општина Охрид и Националната ревија “Србија”. Како резултат на заедничка организација, од 23 до 25 април  годинава во Охрид, престојуваа група новинари и туроператори од Србија.

Т. Кувенџиска