Македонија и Охрид за првпат се претставија на најголемиот скандинавски туристички саем  во Гетеборг – Шведска кој се одржа од 18-22 март. На саемот се претставија и неколку охридски хотели кои ја презентираа понудата на најголемиот туристички центар во земјава. Како што информираат од Агенцијата за промоција на туризмот,  шведските туроператори покажале голем интерес за Македонија како нова туристичка дестинација за овој пазар.


За време на саемот директорот на Агенцијата за промоција на туризмот, Зоран Стрезовски остварил средба со претставници на шведски туроператори, на која тие биле запознаени со туристичките можности на Македонија. При тоа било договорено тие да ја посетат Македонија во скоро време.

Македонскиот штанд  го посетил државниот секретар на шведското Министерство за претприемништво,енергетика и комуникации со кого било разговарано за можноста за организирање на заеднички бизнис форум.


Во текот на одржувањето на саемот,  во просториите на македонското друштво „Гоце Делчев“ се одржал семинар на кој биле презентирани инвестиционите и туристичките потенцијали на земјата пред македонските иселеници, информираат од Агенцијата за промоција на туризмот.