Македонија е една од најстарите држави со исконска и се уште сочувана природа, но за да го искористо тоа во туристичката понуда, потребно е државата да ја подобри инфраструктурата и маркетингот,  истакна претседателот на меѓународната хотелска и ресторанска асоцијација -ИХРА,  Касан Аиди, кој присуствува на првиот Меѓународен туристички саем во Охрид, што свечено беше отворен синоќа.


Отворен првиот меѓународен саем за туризам Охрид 2008

Во поздравните говори, претствниците на туристичките асоцијации од регионот и пошироко, ја истакнаа важноста од одржувањето на еден ваков саем во Охрид, како можност да се остварат контакти и да се иницира соработка во промоција на регионот како туристичка дестинација.

На оваа тема од денеска до недела во рамки на форумот кој се одржува во склоп на саемот, ќе разговараат седумдесетина експерти, кои треба да ги определат насоките на туристичкиот развој на регионот. Културното наследство е силен адут на Македонија во туристичката понуда, но тоа културно наследство мора да се дефинира за да се знае што може, а што не е подготвено да се понуди на туристичкиот пазар, смета проф. д-р Сашо коруноски, модератор на форумот на една од четирите работилници на која ќе се дискутира за културното наследство.

Министерството за економија, во чии рамки дејствува Секторот за развој на туризмот, го поздрави одржувањето на меѓународниот саем за туризам, но смета дека тој многу подобро би бил организиран доколку подготовките започнеле порано, а датумот на одржување бил пред неколку месеци. Оттаму информираа дека годинава средствата за туристичка пропаганда од 100.000 евра се зголемени на 1 милион евра. „Тие средства ќе се трошат рационално, пред се во изнаоѓање решение како да се намалат цените на авионските карти за Македонија, што е клучно за туристичкиот развој на земјата“, ни изјави  Димитар Бојаџиески, од Секторот за туризам при Министерството за економија.

Балканот е простор на кој по број на жители има најмногу историски читанки на светот, истакна професор д-р Зоран Тунтев, кој беше водител на церемониајта на свеченото отворање. Ваквиот потенцијал треба да се искористи, а особено Охрид како дестинација, сметаат туристичките работници од регионот кои се воодушевени од природното и културно-историското богатство на градот. Според нив за два три дена колку што трае саемот не може да се дефинира регионален туристички производ, но можат  да се определат правците на развој, со цел во блиска иднина да биде  формиран Балкански пакет кој би бил атрактивен за туристите од Европа и светот.

Горан Момироски