Охрид и Квинбиен, Австралиски град во близина на Канбера,каде живеат 4,5 илјади Македонци сакаат да воспостават поблиска соработка за што се покрена иницијатива за збратимување на двете општини кои имаат доста сличности. Делегацијата од Охрид што е во посета на Австралија беше примена од градоначалникот на Квинбиен Тим Оверал и советниците во локалната власт, меѓу кои е и Величе Трајаноски од Охридскиот крај. Во Квинбиен, општина каде локалната самоуправа постои 200 години, живеат повеќе нации, меѓу кои со силно влијание е Македонската заедница, се наоѓа меѓу планини и океан, а има одиграно значајна улога во изградбата на главниот град на Австралија Канбера.


По презентацијата на Охрид и неговите природни, економски, туристички и културни потенцијали од страна на претставниците на општината, видлива беше позитивната изненаденост кај домаќините од нашата историја, традиција, културна ризница  и непроценливи вредности. Градоначалникот на Квинбиен Оверал изјави дека ќе се заложи да дојде во Охрид, да ги види нашите убавини и реткости, да се сретне со нашата градска власт и бизнис заедницата, за да се формализира соработката, да се трасираат насоки за заеднички активности во иднина и да се создадат услови за бизнис партнерства. Оверал кој ја подвлече големата моќ што во Квинебиен ја имаат бројните Македонски иселеници, искажа задоволство од нивната активна вклученост во бизнисот, државните служби и администрација, културниот и социјалниот живот во општината.


Во Канбера претставниците на Охрид го посетија министерството за заштита на животната средина, природното и културно наследство, каде се сретнаа со Кен Хефернан директор на економската секција на одделот за интернационална заштита,кој изрази задоволство што за прв пат ги посетил претставник не само на Македонија, туку и од државите на поранешните Југословенски простори. По претставувањето на Охрид и неговото наследство кое како природна и културно историска целина е под заштита  на Унеско, што ги импресионира домаќините, претставниците на општина Охрид ги кажаа своите искуства и проблеми околу заштитата и ги слушнаа Австралиските искуства во заштитата на природните реткости и значајните споменици, кои се селктирани во 17 заштитетни места во Австралија.


На средбата беше истакнато дека има многу можности за соработка, преку размена на искуства, регионално поврзување и учество во транснационални проекти за заштита, каде пред се можат да се добијат корисни знаења за управување со заштитата. Несфатливо е зошто амбасадата на Македонија во Австралија целосно ја игнорира посетата на делегацијата на општина Охрид, за која беше информирана, а не оствари средба со неа ниту во Канбера, каде е сместена Македонската амбасада. На претставниците на Охрид им беа покажани е-маил писмата со кои амбасадорот Перо Стојановски во  Австралиските општини инсистирал да се откажат закажаните средби со претставниците на Охрид, а ни беше потврдено дека во телефонски разговори тоа го барал и од некои градоначалници во Австралија. За претставниците од општината тоа покажува дека Стојановски не само што не ја удостои делегацијата на Охрид со средба и прием, туку имал цел и да ја минира нејзината посета на Австралија. Посетата на претставниците на општина Охрид во Австралија продолжи во Мелбурн, каде живеат околу 100 илјади Македонци.

                                Нина Кепеска