Синоќа, на пригодна свеченост што се одржа во регионалниот совет на Долна Нормандија, Франција, претставниците на градоначалниците на Охрид и Каен, Зоран Велјаноски-Летра и Жан Нотари, во присуство на претседателот на Советот на Долна Нормандија и министерот за локална самоуправа на Македонија, Муса Џафери, го потпишаа договорот за соработка и партнерство меѓу двата града во областа на културата, туризмот, основното образование, малите бизниси и претприемништвото преку заеднички развој и реализација на ЕУ проекти.


Како што информираат од локалната самоуправа потпишаниот договор за партнерство и соработка е резултат на интензивното лобирање на градоначалникот Петрески во рамки на целогодишната активност за соработка помегу Долна Нормандија и Македонија во сферата на развојот на локалната самоуправа.

– Каен е една од најмоќните општини во Франција, главен град на Долна Нормандија и центар на познатата и економски развиена облласт Калвадос. Градскиот совет на Каен досега донесол одлуки за партнерство односно збратимување со Портсмут, Англија; александрија и Нешвил, САД; Тиес, Сенегал; Вурзбург,Германија. Самиот овој податок укажува на пробирливоста во изборот и решеноста за вистинско партнерство и збратимување што ги практикува Каен и што доволно говори за нивната заинтересираност да соработуваат со Охрид а не, на пример со Битола која беше протежирана од нашата централна власт, велат од локалната самоуправа. Оттаму посочуваат дека Каен и Охрид имаат многу сличности во однос на знаменитостите и економско-културното значење во пошироки рамки особено традицијата, културните манифестации  и туризмот.


Протоколот за партнерство и соработка мегу Каен и Охрид, поптишан е под уставното име на нашата држава. Наредниот чекор кој ќе го означи почеток  партнерство е  донесувањето на истоветната одлука од страна на Советот на општина Охрид. Доколку тоа се случи во најскоро време, реално е да се очекува заедничкото потпишување на протоколот за збратимување на Охрид и Каен од страна на двајцата градоначалници на 8.декември,  Денот на Патронот на Охрид, Свети Климент Охридски, информираат од локалната самоуправа.

Ohridnews