Својствата на македонскиот кромид се широко познати: кога го сечеш, крупни солзи по образите ти се тркалаат; ако го јадеш суров, горчина во грлото ќе ти се наталожи; го пржиш ли, сите соседи ќе разберат што готвиш… Постои начин да се избегнат ваквите последици од долготрајното блиско дружење со кромидот, но овде ќе зборуваме за еден поинаков вид кромид.

Записи од јужните италијански земји

Првата недела на јуни 2019 година.
Патот нѐ води помеѓу зелени ридови со бројни населби распослани врз нивните падини додека во високите планински предели се белеат последните остатоци од зимата. По небото се шетаат ретки облаци, некои сосема бели, други обоени во бледо сивило. Секој нов ден е потопол во споредба со претходниот. Очигледно, пролетта е на заминување.

Додека патуваме низ јужните италијански региони Кампанија, Базиликата и Калабрија, на моменти го имаме чувството дека се наоѓаме на Балканскиот Полуостров. Дупките во асфалтот, напуштените згради, отпадоците покрај патот и неуредените дворови потсетуваат на запуштените македонски предели. Ваквата слика внесува мала привремена утеха (ете, не сме биле такви само ние!), но истовремено и натажува; глетката би можела да биде попријатна, кога би се вложиле малку повеќе грижа и внимание. Ние сепак ѝ се препуштаме на поубавата страна на нашето опкружување, а неа ја сочинуваат сѐ уште негибнатата природа во далечината и врвните достигнувања на човековиот ум преточени во разни уметнички дела, вкусна храна и вина.

Во Тропеа пристигнуваме во попладневните часови. Нѐ очекуваат во седиштето на Здружението на производителите на црвениот кромид од Тропеа, сместено во една историска зграда во срцето на стариот дел од градот. Под истиот покрив дејствува локалниот туристички информативен центар. Во истата зграда во тек е изложбата со фотографии посветена на Рафаеле Валоне (1916-2002), италијанскиот фудбалер, актер, новинар и партизан роден во Тропеа.

Домаќините се љубезни и видно возбудени од нашето гостување. Ни раскажуваат за црвениот кромид од Тропеа. Дознаваме за тешкотиите при обединувањето на производителите во една организација и сите последователни успеси во производството и продажбата на кромидот. Некогаш земјоделците својот производ го продавале само на локалните пазари, неорганизирано и по ниска цена. Сега зголеменото производство со повисок квалитет и со повисока цена се продава во трговската мрежа низ цела Италија, се извезува и во други земји. Покрај директните приходи што им ги носи на производителите и трговците, кромидот со себе насекаде го носи името на градот, го прославува, и привлекува туристи кои потоа носат дополнителни приходи за сите жители на Тропеа.

Градот е подигнат врз високи карпи кои вертикално се издигнуваат над Тиренско Море. Тропеа има околу 6 000 постојани жители, а годишно го посетуваат 300 000 туристи; така ни кажуваат домаќините. Доаѓаат луѓе од целиот свет за да уживаат во чистата морска вода. Старото градско јадро има посебна привлечност и внесува пријатно чувство кога човек се шета наоколу, исто како што е пријатно чувството кога се стои на високо издигнатите природни видиковци од кои се протега поглед кон морето и кон островот Стромболи, каде што се наоѓа еден од најактивните вулкани во светот. Како и во секој друг дел на Италија, разновидната и вкусно приготвена храна со големиот број вина и овде се среќаваат на секој чекор. Градот е чист и целокупниот општествен живот се чини беспрекорно организиран. Луѓето насекаде се љубезни, непосредни, срдечни и услужливи. Такви се и гостилничарите кои очигледно не љубат да пишуваат сметки, па износот за наплата го соопштуваат усно, но со толку свечен тон што чиниш се подготвуваат да отпеат некое музичко дело од Верди, Маскањи или друг италијански автор на класична музика.

 

На влезот од една гостилница, на тесна висока маса, поставени се шишиња со различни вина и солени колачи.

„Повелете, послужете се, можете бесплатно да ги вкусите нашите вина“ – нѐ кани келнерот со широка насмевка и благ глас, а ние не можеме да ја одбиеме љубезната понуда.

Стариот дел на Тропеа претставува лавиринт од тесни улици, со плочник од темен камен делкан во различни големини. По пошироките улици се движат моторни возила кои ноќта сепак ја минуваат на паркиралиштата надвор од стариот град. Мнозинството згради се стари, со истрошени фасади… Дали се намерно оставени така? Дали се знак на економска истрошеност на сопствениците или знак на јужначката немарност…? Се стремам, но не се осмелувам да прашувам туку се обидувам сам да го насетам одговорот. Старите згради, камените улици и плоштади, исто како и вродената опуштеност на јужњаците, зрачат мирнотија која ги опива бројните туристи кои седат по гостилниците или се шетаат наоколу низ улиците и продавниците.

Туризмот е движечката сила на стопанскиот живот во Тропеа и градот се вбројува меѓу најголемите туристички центри на Калабрија, која по многу нешта потсетува на Македонија. Регионот има површина од 15 000 км2 и нецели два милиони жители…

„А во светот живеат 18 милиони калабријци“! – нѐ потсетуваат домаќините.
„И нас нѐ има повеќе во светот отколку дома…“ – дофрлам јас.

Тешкиот живот со векови ги терал калабријците на емиграција во поразвиените северни региони на Италија, но и во Европа, Америка, Австралија… Останатите во Калабрија продолжуваат да се занимаваат со риболов, трговија, туризам, угостителство, земјоделство… Земјоделците добро се вклопиле во целокупното стопанско опкружување. Во пошироката околина на Тропеа населението се занимава со производство на кромидот кој во цела Италија, дури и во Европа, е познат како „црвениот кромид од Тропеа“.

„Можно е да најдете луѓе кои го знаат црвениот крoмид од Тропеа, кои не слушнале за градот Тропеа; толку многу е познат нашиот крoмид – попознат од градот“ – категорично нѐ убедуваат претставниците на Здружението на производителите на црвениот кромид од Тропеа.

Црвениот кромид од Тропеа е толку познат што неговото име во Италија станало синоним за сите видови црвен кромид. А во трговијата не смее да се создава забуна: црвениот кромид од Тропеа е производ со заштитено географско потекло и продажбата на другите видови црвен кромид под заштитеното име „Црвен кромид од Тропеа“ (Cipolla rossa di Tropea) би се сметала за сериозен прекршок на законот и подлежи на високи казни.

Кромидот од Тропеа има топчеста или издолжена форма. Поради големо присуство на шеќери плодот има благ вкус и затоа се употребува за производство на мармалад, сладолед и други слатки производи. Кога се јаде суров, не ја остава горчината што ја даваат другите видови кромид, а ги нема ни солзите. Црвениот кромид од Тропеа е посебен вид којшто вирее само во околината на градот. Влијанието на средоземнoморската клима и песокливата почва во крајбрежниот појас имаат пресудна улога во формирањето на својствата на плодот. Сите обиди за одгледување на црвениот кромид од Тропеа во други региони се покажале неуспешни токму поради разликите во минералниот состав на земјиштето и климатските фактори.

 

Како што денот незабележливо преминува во ноќ, така и нашата средба од службена посета незабележливо преминува во опуштено пријателско дружење. Домаќините нѐ водат на прошетка низ центарот на Тропеа. Со радост ни ги покажуваат посебностите на својот град, и секако, кромидот е неизбежната тема при сите разговори. Од време на време покажуваат отворено љубопитство за нашиот дел од светот. Малку знаат за Македонија, никогаш не слушнале за Охрид, па сакаат да дознаат нешто за нашата татковина и нашиот начин на живот.

Во Тропеа кромидот се продава насекаде, би се рекло, на секој чекор. Го има во сурова состојба, но и зготвен како главна состојка или како додаток на разни производи. Жителите одамна ја сфатиле вредноста на нивниот главен земјоделски производ, како извор на приходи за земјоделците и трговците, исто како и симбол со голема привлечна моќ која примамува посетители. Затоа кромидот е претставен на разгледници или во книги, се нуди во вид на разни сувенири, претставува знак за препознавање на целиот град.

Да го обоиме Охрид во црвено

Нека расте црвениот кромид од Тропеа таму каде што му е местото; во Калабрија!
Охрид би можел да ги пресади само искуствата на Тропеа. Земјоделците, трговците, пекарите, слаткарите, туристичките и работници од другите стопански гранки во Охрид можат со заеднички сили поради заеднички интереси да го промовираат својот најкарактеристичен земјоделски производ.

Додека Италија има 300 земјоделски производи со заштитено географско потекло, Република Македонија има регистрирано само еден таков производ. Охридската цреша, како производ со заштитено географско потекло којшто го има само во охридскиот регион, може да послужи како силно средство за збогатување на понудата во трговијата и угостителството. Така би се зголемила и привлечноста на Охрид на светскиот туристички пазар. Туристите секогаш бараат автентични вредности од секаков вид кои се карактеристични за местото што го посетуваат. Охрид може и треба тоа да го даде.
Фестивал на охридската цреша!

Милиони луѓе од големите градови не виделе како растат црешите и би платиле повисока цена за килограм само за да можат самите да си ги наберат.

Леб, пица, пита, колачи, сладолед, компот…. Кој ќе направи најдобри палачинки со охридски цреши?
На крајот: обетки и приврзоци во вид на цреша.
Полето за дејствување е широко и плодно.

Наравоучение

Приказната за успехот на црвениот кромид од Тропеа е еднаква на приказните за успехот на моцарелата (вид сирење) од биволско млеко, компирот од националниот парк Сила… Италија има 300 вакви приказни кои македонските земјоделци би можеле да ги пресадат во сопствените региони. Со здружени сили и во името на општиот интерес.

Текст и фотографии: Мишо Јузмески