Најновата книга на познатиот и признат научен истражувач, историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура, „Охрид град на светоста“, претставува своевидно ремек дело од исклучително значење. На 60 страници авторот го распослал децениското макотрпно истражување на сакралното богатство на Охрид, кој бил голема светост од самото основање пред повеќе милениуми, до ден денес. Жура со научни факти ја поткрепува легендата за Охрид – град на 365 цркви и светилишта, документирано претставувајќи ги најзначајните енории – маала и свети места кои се наоѓаат таму.

Се претпоставува дека ако се исели целокупното население од Божјиот рид во рамничарските предели, како што било во минатото, тогаш легендата ќе стане вистина за бројот на 365-те цркви кои го краселе овој вечен град во минатото. – вели Гоце Ангеличин Жура.

Во книгата поместени се вредни податоци за десетиците ранохристијански базилики и средновековни цркви, обележани на карти и нивната местоположба денес.

Сето ова не тера на размисла: Зошто толкав број на монументални ранохристијански базилики и средновековни цркви на мал простор? – прашува авторот, кој одговорот на ова вечно прашање го дава со самиот наслов на книгата – „Охрид град на светоста“.

Самата местоположба на Охрид, оддава нешто мистично, делува на човековата душа, таа станува поблагородна, светлообразна и леснокрилна, вели Гоце Жура. Посочува дека ова место не случајно било избрано од светите апостоли Павле, Андреја и Еразмо и посебно од словенските првоапостоли Светите Климент и Наум, кои од него направиле духовен центар од кој се ширело монаштвото и писменоста во целиот словенски свет..

Легендата вели дека на Светиот рид живееле многу монаси – калуѓери кои ги правеле црквите во близина на своите монашки ќелии. Кога дошле Турците, тие се населиле во рамничарските плодни делови, го протерале христијанското население кое било приморано да се насели на Светиот рид и да гради свои домови врз темелите на црквите, за кои, пак, се претпоставува дека биле срушени од самите Турци. Целиот рид бил прошаран со стотици цркви и монашки ќелии, кои се гледаат под разрушените куќи, а христијаните за да го сочуваат споменот за нив од заборав, на тие свети места ставале „нишани“ – икони кандила и палеле свеќи. Благодарение на тоа, со најновите археолошки истражувања, на површината излегуваат темели на десетици и десетици средновековни цркви. – истакнува во книгата „Охрид град на светоста“ Гоце Ангеличин Жура.

Гоце Жура објаснува дека голем мотив за издавање на оваа книга била повеќедецениската негова желба да изготви мапа според историските сознанија и легендите каде биле се распослани светите места на Охрид.

Многу се служев со нашите охридски дејци Прличев, Спространов, Кузман Шапкарев. Сите кажувале – пишувале дека таму палеле свеќи, каде што имало црква… Јас се послужив со најстарата катастарска карта кај нас од 1936 година затоа што тогаш се почитува повеќе конгломератот на градската архителтура за разлика од после ослободувањето, се затвораа сокаци, се отвораа и сега не може крајот да му се најде што каде било. Јас дојдов до сознанија и на карта од стариот дел на Охрид внесов 20 ранохристијански базилики,  или каде што има индиции, потоа 43 цркви. – посочува Гоце Жура.

Книгата е издадена во ограничен тираж од само 100 ексклузивни примероци, што ја прави дотолку повредна. Посветена е на Горан Патчев, колега на Жура, пријател, соработник и вреден научен истражувач во охридскиот Завод и Музеј. Издавач е „Ирис“ од Струга, главен и одговорен уредник е Гордана Ангеличин Жура, а рецензенти се проф д-р Димитар Ќорнаков и м-р Дарко Николовски. Печатењето го помогна ДОО „Флорес“, односно Миле Ѓозев од Радовиш.

Книгата неодамна беше промовирана во Скопје, a промотори беа проф. д-р. Димитар Ќорнаков, бардот на Македонската и Балканската уметничка резба и проф. д-р. Тони Филипоски, претседател на комитетот на византологија и медиевистика на Р. Македонија.

Г.М.