Голем почит за жителите во Охрид! Храбри луѓе. Останатите живеат во градот на духовите. Вие сте вистинските охриѓани. Бранителите. Вие ги чувате вредностите, го заштитувате колку што е можно богатството. Го одржувате идентитетот на Охрид. А ние? Ве оставивме сами во празни улици и згради да гледате затворени ролетни и порти. Ние си заминавме.
Ние сме заробени во нашите соништа и идеали. Доаѓаме (кој како) во различни периоди за одмор, за празници, за бизнис, за потреба или на кратка релаксација во Македонија. Сите уживаме во она божествено летно пријатно чувство. Покрај езеро. Без стрес. Опуштена душа. Незаборавни моменти со блиските во топол амбиент. Виолинче, вино, мезе, печено лепче, макало, рибче, неквалитетен слаб помфрит, салата, кафе и благо во вечерните часови. Со пријатна свежина од брановите. Секој еден сака дополнителна среќа и светлина во животот. Ама тоа се бара надвор од сончевата Македонија.
Скоро 50 години од сите села, сите градови, од секоја улица си заминува некој, некоја. Сите имаме комшии, сваќа, брат, сестра, братучеди, чичко, дедо, баба, вујко и тетка кој се фатени што подалеку. Актуелните бројки се страшни. Од многу причини годишно илјадници од цела држава ги затвораат силно Македонските врати и влегуваат повторно во неизвесна иднина. На новата категорија иселеници 2.0 (невработени, вработени, млади, стари, разочарани семејества, студенти, дипломирани, деца од елитата и бизнисмени) им е послединиве 25 години веќе преку глава од се во бисерчето мало на Балканот.
Од страв, од навреда, сиромаштија, несигурност, закани, неправда, нервози, ниски плати, нееднаквост, расипани сонови, малтретирање, политички борби, поларизација, поделби, глупости, манипулации, газење, понижување, заробеништво, пропаганда, безнадежност, фасади, лаги, психичко „лудовање“, никаква перспектива, врски и од евентуална етничка дестабилизација.
На CNN гледам реклами на тема: ‘Invest in Macedonia’. Во комерциjалниот, моќен туристички магазин ‘Lonely Planet’ читам дека Охрид е на 5-то место на градови кои треба задолжително да се посетат во 2017 година. Некои политичари и партиски медиуми ни го пумпаат мозокот со бајки, со податоци дека вие во Македонија живеете во мал Дубаи или Сан Тропе. Збунет сум и не можам да размислувам повеќе логично. Се трудам да сфатам се. Разбирам се и ништо. Мислам дека и јас ќе си ги спакував во ова време куферите. Мислам. Не сум сигурен. Ама искрено, не знам дали имам храброст да напуштам се и секого, како моите родители пред 45 години.
Влатко, Амстердам
PS: Во 2011 пишував исто на ова тема, со наслов ‘Зоолошката градина Охрид’.
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите