Охрид ги брои последните часови од старата година. Судејќи по атмосферата, градот под Самоиловите тврдини и оваа Нова година ќе биде епицентар на забавата во Македонија.


Во Охрид врие како во кошница. Во хотелите речиси и да нема слободни места, а повеќе од солидно се исполнети и капацитетите во приватното сместување. Во Охридската чаршија гужва како во шпиц на туристичката сезона. Дуќаните се преполни со купувачи, а во кафетериите и рестораните се бара стол повеќе. Градот е во празнична еуфорија, а прекрасниот новогодишен амбиент во центарот само ја надополнува и онака идиличната атмосфера.


Во Охрид најбројни и оваа Нова година ќе бидат гостите од соседна Србија, а во голем број допатуваа и туристи од Албанија и Бугарија. Тридневен аранжман – полупансион со свечена вечера за дочекот на Нова година во Охрид се движи меѓу 200 и 250 евра. Кревет во приватното сместување чини од 300 денари па нагоре, додека цената на апартманите се движи помеѓу 20 и 50 евра по ноќ. Цената за дочекот на Нова година во охридските хотели и ресторани се движи од 2.000 до 3.000 денари. Во кафулињата клубовите и дискотеките цената за дочекот на Нова година се движи од 1000 до 3000 денари.

На градскиот плоштад веќе е монтирана бината на која вечерва ќе настапат групата „Камелеон“, Ева, Силви бенд и неповторливиот шоумен Игор Џамбазов.

Г.М.