По повод Божик Македонската православна црква до сите верници, упати божикно послание во кое им пожелува мир и благослов:
Возљубени чеда во Господа,
Со овие торжествени и преславни зборови се најавува величествениот и пресветол ден, денот на серадосната тајна, денот на неискажливото милосрдие Божјо, денот кога се измирија Небото и Земјата. Но, тие никогаш не се исти, никогаш не трепери еднакво нашето срце кога ги слуша, никогаш не се издигнува подеднакво нашиот дух кон висините… Радоста е секогаш поголема, зашто секогаш ги преживуваме со повеќе торжество, секогаш славословиме подолго и поблагодарно…
Возљубени празникољубци,
На овој празник, преку песната на ангелите, кои радосно воскликнуваат слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја, ни е даден и покажан патот на постоењето, патот на надежта, дадена ни е единствената насока по која треба да чекориме. А, тој пат оди и води кон возвишени цели – во љубов кон Бога и во љубов кон ближните. Овие два пата оформуваат крст, а тоа е самостојниот подвиг на секој од нас, подвигот со кој се здобива внатрешниот мир. А кој е тој мир, на кој ангелите повикуваат? Тоа е измирувањето најпрво со самите себеси, со својата совест, со своето духовно поведение. Тој внатрешен мир се постигнува преку смирението, преку победата над страстите. Само оној човек што ќе се исполни со мирот што доаѓа одозгора, ќе ги упати своите нозе по патот на мирот (Лука 1, 79), тој ќе се смири и пред Бога и пред другите. Таквиот човек верува дека Бог постои и само Нему Му оддава слава, тој знае што значи не нам Господи, не нам, а на Твоето име дај слава (Ис. 52, 5). Таквиот човек ќе биде способен да шири мир, да сплотува, да помирува – да биде миротворец. А нам денес ни е најпотребен мирот меѓу нас, мирот и спокојството меѓу нашиот народ. Потребно ни е единство во македонскиот род, единство меѓу Македонците во Татковината и со сите распрснати по светот. Зашто, за жал, кога ни е најпотребно единството, во овие времиња со постојани искушенија, раздорот меѓу нас како да е сè поголем. Па, ако немаме постојано мир и љубов меѓу нас, како Го пречекуваме Христа и какви христијани сме? Витлеемската пештера го смести во своите јасли, а имаме ли ние место во своите срца за Него? Ние денес како да не сме подготвени ни пештера, ни јасли не Му дадеме. Сме го истерале од нашите животи и Тој не живее ни во нашите семејства, ни во нашиот брак, ни во нашиот дом, не живее ни во нашето училиште. Христос треба да биде единствената смисла на нашиот живот. Да го исполнуваме она на што Богомладенецот нè повикува: да го почитуваме и љубиме секого како самите себе, да го почитуваме човечкото достоинство и правото на живот, на слобода, на име, на посебност…
Денес родениот Богомладенец нè повика да стануваме сè повеќе небески луѓе, а тоа значи постојано да бидеме добри еден спрема друг, сочувствителни, да си проштеваме еден на друг, како што и Бог ни проштева во Христа (Еф. 4, 22-24; 24-29; 5, 1-2, 17), да не се грижиме само за себе, туку и за другите (Филип 2, 4).
Господ ни даде можност, а ние треба да собереме сили и како некогаш пастирите и мудреците, да застанеме еднодушно пред јаслите во кои лежи Богомладенецот, да застанеме со добра волја и љубов, за да обезбедиме мир меѓу нас.
Возљубени чеда на Новородениот Спасител
На овој ден, се облече Бог во нашето тело, сакајќи да нè обложи во своето божество, вели свети Климент Охридски. Светоста е идеалот кон кој треба да се стремиме. Тој идеал го следеле многумина и затоа е богат нашиот род со светии: имаме многу светли примери за подражавање, имаме на кого да се угледаме, кого да следиме и во верата, и во подвигот, и во љубовта кон Бога и ближните и во надежта во идното царство. Оваа година ќе одбележиме 1100 години од упокојувањето на нашиот голем просветител – свети Наум, охридскиот чудотворец, сотрудникот на свети Климент на нивата Господова по нашата македонска земја. Единаесет столетија живее споменот и не се заборава делото што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, што е добродетел, што е пофалба (сп. Филип. 4, 8-9).
Па, да се радуваме, да се усовршуваме, да се утешуваме, да бидеме едномислени, Христоис се роди! Вистина се роди!