Со бројни активности денес во Охрид се одбележува 7-ми ноември, Денот на ослободувањето на градот. Свечената академија по повод празнувањето се одржа во просториите на основното музичко училиште „Методи Патче“ каде пред присутните се обрати градоначалникот Костантин Георгиески кој го истакна големото значење на празникот поврзан со борбата за слобода на Охрид и охриѓани.

  • Со пожртвуваност и храброст, умешност и мудрост нашите сограѓани ја донеле толку посакуваната слобода удирајќи ги темелите на современ град. Животот е часовник. Стрелките се движат напред. Секое завртување е показател за едно одминато и сегашно време, а просторот меѓу бројките е наша постојка на која застанувајќи за миг стануваме свесни дека без минато иднина нема. Не заборавајќи го делото на нашите предци, на крваво спечалената слобода го градиме и развиваме Охрид, продолжувајќи онаму каде што генерациите пред нас застанале. Денеска во современ Охрид кој е идеален склоп на традиционалното и модерно време со понос и посебен пиетет се присетуваме на секој живот и секоја жртва дадена за слободата на Охрид кои се траен потсетник и патоказ за изградбата на уште поуреден и понапреден град, рече градоначалникот Георгиески.

Свеченоста беше збогатена со настапот на охридскиот Градски хор, младите музички таленти од ОМУ „Методи Патче“ и рецитал од учениците од охридската гимназија.

Претходно, во рамки на чествувањата, беше положено свежо пред спомен обележјата на борците во Спомен паркот на револуцијата, а се одржа и историскиот час за значењето на 7-ми Ноември. Делегации од општина Охрид, од Сојузот на борци и останати претставници на политичкиот и јавниот живот од градов положија цвеќе и пред Спомен обележјето на Јасна Ристеска во с. Рамне каде се одржа панихида и културно- уметничка програма.

Свежо цвеќе беше положено и пред спомен обележјата од НОБ кај Градски гробишта, Градски парк, Основен суд, двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.

Со свечена приредба во Центарот за култура Григор Прличев вечерва во 18 часот ќе се одбележи и патрониот празник на градинката Јасна Ристеска, а во 18.30 часот концерт ќе одржат и учениците од ОМУ Методи Патче во просториите на училиштето.

Т.К.