Фудбалерите на Охрид ја задржаа втората позиција на табелата во Втората македонска фудбалска лига и се доближија на чекор од пласман во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига, победувајќи го Кадино со 3-0 (2-0), во претпоследната рунда од шампионатот.

Човек на одлука на денешниот натпревар беше Шериф Реџепи, кој три пати ја погоди мрежата на гостите. Реџепи два пати стрелаше во првиот дел, а победата ја завери со трет погодок во второто полувреме.

Натпреварот што се однесува до шансите подобро го отворија гостите, кои уште во третата минута имаа прилика за погодок. Кристијан Ристовски биеше прецизно, но на место и сконцентриран уште на стартот на стартот беше охридскиот голман Никола Симоновски, кој не дозволи радост на гостите.

„Рибарите“ брзо се консолидираа и ја „згазија“ топката. Одличната игра со топка во поле, фудбалерите на Охрид ја валоризираа со две шанси. Шериф Реџепи се закани од косо и одбрани гостинскиот голман Стефан Јакимоски, а ударот на Александар Целески заврши над голот.

Во 23-та минута стигна и награда за добрата игра на Охрид. Реџепи беше на вистинско место после нафрлувањето од корнер на Наум Вељаноски и ја смести топката во мрежата на гостите. „Рибарите“ после водечкиот погодок не застанаа, туку продолжија да играат на половината од противникот. Одма следуваше нова шанса, овој пат за Роберт Митев, но обидот на офанзивецот заврши покрај голот. Охрид во 40-та минута ја дуплираше предноста со вториот погодок на Реџепи. Голгетерот ја погоди целта после соло акцијата на Митев.

Охридските фудбалери првите петнаесеттина минути во вториот дел ги одиграа тактички маестрално, не дозволувајќи му на гостинот, ниту една шанса. Првата прилика во вториот дел екипата на Кадино ја имаше во 65-та минута, кога охридскиот состав лесно изгуби топка на средината од теренот, сепак, одбраната беше на место и на време расчисти.

Кадино во продолжението од мечот ја презеде иницијатавата, а ја искористи за шанса преку Давид Ристовски, но повторно добро интервенираше Симоновски.

Во 81-та минута, Охрид го зголеми резултатот 3-0. Љупче Трпески поведе контра напад, го проигра Митев, кој пак, несебично го „исфлри“ Реџепи „очи в очи“, кој комплетираше хет трикот.

Во последната рунда од второлигашката конкуренција Охрид силите ќе ги одмери со Тетекс нагости.

Мх.П.