Ракометниот клуб Охрид прокнижи нови три бодови на табелата во плејофот од Супер лигата, откако во Битола со минимални 27-26 (16-10) го совлада составот на Пелистер во петтата рунда од шампионатот.
„Гладијаторите“ со третата победа во петтиот натпревар се изедначија со Вардар на втората позиција кој има меч помалку.
Охридските ракометари одиграа маестрално прво полувреме и го контолирираа резултатот од почетокот до крајот. На почетокот од мечот охриѓани поведоа со 3-0, а кон средината од првиот дел ја зголеми предноста на пет голови (9-4). Во финишот „пелистерци“ стигнаа до три негатива (13-10), но „гладијаторите“ со фуриозен финиш ја вратија предноста и на одмор заминаа со водство од шест голови (16-10).
Второто полувреме ракометарите на Охрид го отворија со 2-0 и стигнаа до највисоката предност од осум голови (18-10) на натпреварот. Големата негатива не ги поколеба домаќините кои значително го убрзаа темпото. Промената на стилот им донесе брзи голови и враќање во игра за поволен резултат. Прво „зелено белите“ намалија на минус три (19-16), а на истекот од 50-та минута стигнаа до еден негатива (22-21).
Во последната минута од мечот двете екипи влегоа со исти бројки на семафорот (26-26). Охриѓани и со играч помалку го реализираа нападот за 27-26, а последниот им припадна на битолчани кои го промашија и изгубија.
Добар натпревар имаа голманите Благојче Трајковски и Александар Стојановски кои беа на висина на задачата, додека нападот беше разноврсен и прецизен кога најмногу требаше. Дарко Јанев реализираше осум голови, а Блажески и Адамовиќ запишаа по пет зад своите имиња.
Ракометарите на Охрид во шестата рунда одново гостуваат во Битола, а силите ќе ги одмерат со Еурофарм Работник.
OhridNews