По повод врачувањето на СВЕТСКАТА НАГРАДА НА  ХУМАНИЗМОТ на годинешниот добитник, МАНУЕЛ де ОЛИВЕИРА, синоќа во Музејот на модерната уметност, палатата-замок Селарвеш во Порто, во присуство на голем број претставници на културниот, политичкиот, економскиот и уметничкиот живот на Португалија, се одржа свечената церемонија на врачувањето на Наградата, соопшти одделението за односи со јавност при локалната самоуправа, повикувајќи се на извори од делегавијата на Охрид..

Во името на Охридската Академија на хуманизмот, Наградата на светски познатиот филмски режисер и синеаст му ја врачи Амбасадорот и истакнат македонски писател Јордан ПЛЕВНЕШ кој притоа истакна дека Охрид и Македонија секоја година, преку спомнатата награда, потсетуваат на средновековната Школа на хуманизмот на Свети Климент Охридски, заштитникот на Охрид и основачот на еден од првите Универзитети во Европа кој беше отворен во Охрид, градот на УНЕСКО. Во името на интернационалното жири, пред преполнетата сала на Музејот, се обрати со своја беседа меѓународно познатиот македонски баритон Борис ТРАЈАНОВ, уметник на мирот на УНЕСКО. Тој, во своето беседење, подвлече дека Македонија дава свој исклучителен придонес во развојот на идејата дека културата е основниот двигател на светската цивилизација. Во рамките на свечената церемонија на врачувањето на Наградата на добитникот Де Оливеира, почесниот Конзул на Република Македонија во Португалија, Педро КУДЕЛ ја отвори изложбата на фотографии „Охрид и Преспа- трезорите на Македонија“ од уметничкиот фотограф Зоран Велјаноски ЛЕТРА.  Авторот на изложбата, пред уважените гости и посетители, го прочита писмото со поздрави од градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, до годинешниот  лауреат Де Оливеира.

На свеченоста која ја следеа склучителен број претставници на португалските медиуми – кои на насловните страници и во ударните термини на информативните емисии го објавија настанот – беше промовирана книгата „Македонскиот јазик во глобалниот свет“ и документарниот филм со истиот наслов кои во рамките на меѓународната година на јазикот се промовираат секаде низ светот. Промоцијата на овие дела беше проследена со бурни аплаузи од присутните.
На свеченоста беше прочитана и поздравната телеграма од португалскиот министер за култура, Жозе Пинто РИБЕИРА, во која, со честитките до Де Оливеира за високото признание од Охрид неведе дека „Македонија и Охрид и денес зрачат со својот хуманизам на Балканот и во Европа“.

Примајќи ја дрвената Црква на која е испишано неговото име ( дело на охридскиот уметник Живко ПЕЈОВСКИ), добитникот Мануел де Оливеира рече дека неговото запознавање на Македонија започнува уште од 16. век од националниот поет Луис де КАРМОЕШ кој во своите дела ја нарекува Македонија „Магичната Македонија во братската Европа“.Со еден збор, беше тоа триумфална македонска ноќ во Португалија која со златни букви ќе остане забележана во аналите на односите меѓу двете земји,информира одделението за односи со јавност при локалната самоуправа.

ohridnews