Охрид денеска одбележува 63 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Седми Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид, се одбележува со повеќе пригодни свечености организирани од одделни институции и Локалната самоуправа.
  
Најпрвин во ОУ „Кочо Рацин“ во населбата „Радојица Новичиќ“ свечено ќе биде предадено во употреба новоизграденото централно затоплување на школото. Потоа  делегации на Советот на општината, Сојузот на Борците и одделни институции ке положат свежо цвеќе во спомен алејата на Градскиот плоштад,  пред бистата на Петре Пирузе-Мајски пред Судската зграда; бистата на Мите Богоески во дворот на Економското училиште; во Спомен паркот на Револуцијата над Билјанините извори и на Градските гробишта- во алејата на паднатите борци, како и на спомен обележјето на Јасна Ристеска во с. Рамне
    
Во 12 часот во големата сала на зградата на Советот на Општина Охрид, ќе се одржи свечена седница на Советот по повод Денот на ослободувањето на Охрид на која се очекува да се обрати Градоначалникот Александар Петрески.
  
Попладне во 17 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи свечена приредба на децата од Детската Градинка „Јасна Ристеска“ со која оваа установа го одбележува својот Патронен празник – Седми Ноември. Одбележувањата ќе бидат заокружени со изложбата на современа ќерамика од фондот на Ресенската керамичка колонија , што ќе се одржи вечерва во 20 часот, во Изложбениот салон на Центарот за култура.

ohridnews