Свети Климент не ни припаѓа само нам но ние сме горди што тој живеел и творел во Охрид каде го создал Свети Климентовиот универзитет-лулката на сесловенската писменост. Чествувањето на Свети Климент Охридски е цивилизациска придобивка.Ова го истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, во своето обраќање на свечената Академија синоќа, со која завршија чествувањата по повод патрониот празник на градот, Свети Климент Охридски.
Со доделувањето на Свети Климентовите награди го истакнуваме тоа што е добро во Охрид и им даваме поттик на наградените да продолжат да постигнуваат врвни резултати во своето работење, рече Петрески, кој посочи дека сите треба да се стремиме Охрид да стане поубаво и подобро место за живеење. Охрид не смее да застане во развојот ниту еден ден без оглед на сите потешкотии и наследени долгови, а целта треба да ни биде Охрид да прерасне во светски град по уреденост и начинот на живот, рече Петрески.
Заблагодарувајќи се од име на странските делегации големиот италијански уметник Виченцо Бјанки ни посака и натаму да не води духот на Свети Климент.
Виченцо Бјанки
Претседавачот на Советот, Владо Чингоски ги додели признанијата на добитниците на повелбата патрон на Охрид на Радио Охрид за посебни достигнувања во сферата на информирањето, на д-р Никола Бакрачески за успешното воведување на интервентната кардиологија во Заводот за кардиологија, на историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура за неговиот придонес во откривањето и евидентирањето на богатото културно-историско наследство во охридско и на образовниот центар Пи-Си за достигнувањата во областа на едукацијата на младата популација.
добитниците на Свети Климентовите повелби
Од името на наградените се обрати директорот на Радио Охрид, Милчо Јованоски кој се заблагодари на како што рече „оние кои го проценија нашиот извонреден труд“.
Милчо Јованоски-директор на Радио Охрид
На свеченоста што се одржа во х. Метропол присуствуваа голем број поканети гости од Охрид, републиката и од странство, дипломастки претствници, пратеници, а Владата ја претставуваше министерот за финансии Трајко Славески.
министерот за финансии Трајко Славески
Како ретко досега свечената Академија беше организирана на високо,достојно ниво, а впечатокот го надополнија извонредните етно звуци и настапот на хорот „Злата Мегленска“ од Скопје, хорот при охридската гимназија и настапот на децата од градинките.
најмладите ги освоија симпатиите на публиката
Г. Момироски
фото: „Рекс“