– Народното големо празнување со масовна посетеност на светиклементовите храмови во Охрид, од дамнина било на 9-ти август. Тогаш се одбележува Денот на Св. Климент Охридски Чудотворец и истовремено празникот Седмочисленици (седумте ученици на Св.Кирил и Методиј) како и празникот Св. Великомаченик Пантелејмон кому Св. Климент Охридски му го посвети својот манастир на Плаошник. Единствено на овој ден се изнесуваат моштите на светецот на поклонение пред народот. На овој датум во 2002 година е осветен и Плаошник, велат од локалната самоуправа.
Дека промената на датумот на одбележување на патрониот празник од декември во авгуест е речиси готова работа, укажува и објавената статија на општинскиот сајт во која се вели дека “е време надлежната комисија на Советот да предложи, а Советот на општината да донесе одлука за прогласување на 9-ти август за официјален Ден на општината, па тогаш да се одвиваат и сите свечености што ги организира градот славеник“.
Во тој термин, сметаат од локалната самоуправа, има и објективни можности чествувањето да биде на далеку подостоинствен начин, со многу повеќе граѓани и гости од градовите пријатели и партнери.
Од локалната сметаат дека „зимскиот“ Свети Климент, односно празникот на 8-ми декември, кој од пред две години е и државен празник, упатно е да продолжи да се одбележува, но не со свечени академии, приеми и делегации, туку со свечена седница на Советот на општината на која ќе се доделуваат годишните Награди и Повелби „Свети Климент Охридски-Патрон на Охрид“.