Три години трае изградбата на најголемиот брод кој некогаш запловил на Охридското Езеро.

Всушност тоа ќе биде брод – катамаран, со универзална намена што ќе ја збогати туристичката понуда на Охрид, велат браќата Гилески, сопственици на препознатливата бродска флота која плови под името „Александрија“. По 1 и 2, во догледно време по езерото ќе плови и „Александрија 3“.

Изградбата на новиот брод „Александрија 3“ до неодамна се одвиваше во затвворен простор – хангар, од каде со специјално возило и механизација деловите на бродот се пренесуваат во населбата Воска, во близина на стадионот Грашница.

Тука ќе се одвиваат завршните работи, односно ќе се врши спојување на веќе изготвените елементи, по што бродот ќе ја добие конечната форма и функција, на еден голем катамаран кој ќе може да опслужува до 250 патници. – велат за OhridNews сопствениците на „Александрија 3“.

Според најавите бродот – катамаран треба да биде завршен во текот на наредната година, кога и се очекува да заплови на Охридското Езеро. Вистински предизвик ќе биде неговото закотвување и опслужување на што исто така интензивно се работи.

Со зголемувањето на бродската флота неминовно се наметнува потребата од подобрување на пристанишната инфраструктура на Охридското Езеро и регулација на пловниот сообраќај, кој добива  како на интензитет, така и на актуелност.

Г. Момироски