На иницијатива на лајонс клубот „Охрид“, со поддршка на преостанатите лајонс клубови во градот „Десарети“, „Лихнидос“ и „Деница“ и помош од Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“, Охрид го доби првиот Лајонс парк.

Паркот се протега на површина од 2900m2 на потегот од игралиштето после плажата „Бела Виста“ до Парк, покрај пешачката патека и ќе придонесе за разеленување на овој дел од градот, кој е исклучително посетен од граѓаните.

Лајонс клубовите обезбедија 103 садници автохтони дрвја, кои растат на ова поднебје. Општината и јавното комунално претпријатие, пак, обезбедија систем за наводнување со техничка вода и автоматизиран систем за секое дрвце по принципот капка по капка. Градежните работи за уредување на паркот започнаа вчера, и ќе траат до септември.

Лајонс паркот ќе биде реализиран во две фази. Оваа година ќе се работи првата фаза, која опфаќа оплеменување на околу 1500m2. Дел од содржините во паркот ќе бидат реализирани наредната година. Планирана е пешачка патека со клупи и корпи за ситен отпад. Целиот проект е во согласност со стандардите на УНЕСКО. – истакна Ертан Омеров, актуелен претседател на ЛК „Охрид“.

Идниот претседател на ЛК „Охрид“, Огнен Цубалевски, рече дека овој проект е мал придонес кон заедницата во напорите да изградиме подобро општество.

Ќе се обидеме секаде каде можеме да го дадеме својот мал придонес. Ние сме невладина, непрофитна организација. Се ангажираме на мали проекти, но сметаме дека со тоа можеме да дадеме еден акцент и за поширокото општество дека секој од нас треба да стори што може во својот микро космос и така ќе имаме и многу поквалитетно општество за сите. – истакна Цубалевски.

На настанот присуствуваше и Гувернерот на Дистрикт 132 Македонија, Марјан Талев, кој изрази задоволство што заедничкиот проект на охридските лајонси резултира со реализација на исклучително благородна идеја.

Ова е еден од поголемите настани кои се случија оваа година и ќе биде најголем лајонс парк во Македонија. Моментално имаме 4, во Битола Велес, Скопје и сега во Охрид. – посочи Талев

OhridNews
Фото: А. Момироска