Во Центарот за култура во Охрид вечерва се одржа Свечена академија во чест на Свети Климент – патронот на градот, на која беше врачено највисокото општинско признание – наградата Св. Климент Охридски.
Светиклиментовите идеи во Охрид стануваат запис во срцата на богољупците, а силата на охриѓани и на Македонците е во заслугот на светата мисла и во почитта на неговите пораки за човекољубие и хуманост, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.
Со својата мисија, Свети Климент ги отвори вратите на новата црква и од нејзиното предворје во ластовички лет го пушти словото на писменоста, да оди и да се враќа, да полетува и да ги прелетува сите словенски пространства. Oдејќи по стапките на своите духовни отци, тој го расеа семето по плодната почва на Македонија, во книжна недоглед и во совршен ред. Со наднебесна смисла на пораките божји, ги даруваше словенските народи со духовна светлина издигнувајќи ги на културната и цивилизациска сцена, рече Пецаков.
Свети Климент, додаде, е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест.
И по толку години, децении и векови нанижани како ѓердан од бисери, исполнети со храброста на Македонскиот народ, застануваме повторно на изворот на словото и светлината, што блика од највредното наследство што ни го остави нашиот Климент. Неговото дело е толку големо што добива димензии на бесконечност… на нешто кое своето име гo втиснало во вечноста и ги врежало длабоко во светската меморија. Неговите дарови постојано го осветлуваат нашиот пат и ни даваат крилја да достигнеме до изобилство на знаење и духовна благосостојба.
Нека овие мигови на заедништво и радост продолжат да бидат наша определба за поубаво утре! Нека е за многу години големиот празник, да славиме и чествуваме во здравје и среќа уште многу лета Господови и да го оставиме во аманет на идните поколенија!, додаде Пецаков.
На академијата беше врачена највисоката општинска награда „Свети Климент Охридски“ која годинава ја доби поетот, драматургот и романсиерот, амбасадорот Јордан Плевнеш. Членовите на Стручната комисија едногласно ја донеле одлуката, имајќи ја предвид импозантната биографија на проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во драматургијата и неговата афирмација на Охрид и Република Македонија насекаде во светот.
Амбасадорот Плевнеш од своја страна посочи дека највисоката општинска награда за него претставува посебна привилегија, одтолку што доаѓа во име на градот на светлината, градот што е под закрила на Светиот Климент.
Имаше голема церемонија и во Француската академија за науки кога ми беше врачена наградата Гран-при за животно дело. И тогаш возбудата беше многу голема. Но, кога ми го испратија писмото од Општината во име на градоначалникот на Охрид и Комисијата за награди, во мене се роди едно чувство дека само Охрид може да ве дарува со вечност, И другите институции постојат, Француската академија постои од 1631 година, како и другите институции низ светот каде сум се здобил со признанија, но само Охрид може да ви даде вечност и само Светиот Климент може да ве благослови, рече лауреатот.
На свеченоста беа врачени три повелби Св. Климент Охридски на Христијана Парулеска, за историски врвни спортски успеси во индивидуални спортови, интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, најзначајниот меѓународен настан од областа на поезијата во нашиот град и го привлекува вниманието на поети од цел свет и Елеонора Чекреџи- постхумно, за нејзината 40 годишна кариера во Радио Охрид, најпознатиот глас на Охрид, кој му даваше боја и убавина на градот.
Чествувањата во чест на Свети Климент – патронот на градот Охрид ќе продолжат утре за кога во 10.00 часот предвидено е поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”-Плаошник, во 11.00 часот полагање свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во ООУ „Свети Климент Охридски“ (училиштен двор), додека во 12.00 часот полагање свежо цвеќе на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“.
Програмата завршува со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски режисер Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19 часот.
OhridNews
Фото: Ива Јовановиќ