Со брони активности, денес, Охрид, ја одбележа 127-годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев.

Во рамки на одбележувањето, делегација на општина Охрид предводена од претседателката на градскиот Совет , Живка Ангелоска положи свежо цвеќе пред спомен бистата на поетот пред НУ Библиотека „Григор Прличев“. Општинска делегација предводена од заменик градоначалникот, Ристо Николески цвеќе положи и на гробот на Прличев каде се одржа и панихида.

Свежо цвеќе беше положено и пред бистата на Прличев, во основното училиште што го носи неговото име, од страна на делегација предводена од градоначалникот Константин Георгиески. Чествувањата во ОУ „Григор Приличев“ продолжија во училишната спортска сала каде беше организирана „Прличева визита“.

Во рамки на традиционалната свеченост „Стихови и звуци за Прличев“, во Спомен-куќата на Григор Прличев беше промовирана книгата „Антологија на ловорот“, подготвена од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, издадена под покровителство на Општина Охрид. Во рамки на настанот им беа врачени пригодни награди на ученичките Андреа Савиќ и Марија Вранишкоска чии трудови беа првонаградени по распишаниот литературен конкурс на ОУ „Григор Прличев“.

Во рамки на програмата од овогодишната манифестација „Прличеви беседи“ денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“. За животот и делото на Прличев–Вториот Хомер со свои лични навраќања кон истражувањата на неговото творештво, нераскинливо врзано за Охрид беседеше проф. д-р Вера Стојчевска–Антиќ. Беше промовиран и Каталогот на стари и ретки книги–од група вработени во библиотеката, како и книгата „Библиотеката како медиум за комуникација“ од м-р Мариче Боздоганова, библиотекар–советник, вработена во библиотеката. Директорката на библиотеката Гордана Змејковска на проф. на д-р Вера Стојчевска–Антиќ и додели специјална благодарница со која НУ Библиотека „Григор Прличев“ ја прогласи за нејзин почесен член.

Годинава се одбележуваат и два јубилеи сврзани со Прличев: 190 години од неговото раѓање и 160 години од издавањето на ненадминатата поема „Сердарот“.

OhridNews