Во работна посета на Охрид денеска престојува конзулот на Република Грција во Македонија, Маркос Триполитакис. На негово барање тој оствари средба со градоначалникот Александар Петрески, на која станало збор за соработката во областа на туризмот и на други полиња. Конзулот Триполитакис, одушевен од убавините на Охрид, изразил надеж дека проблемот со името нема да се одрази неповолно за врските меѓу лугето, напоменувајќи дека Охрид отсекогаш бил и ќе биде посакувана дестинација за грчките посетители.
Градоначалникот Петрески, го уверил гостинот дека спорадичните инциденти што ги имаше во минатото со оштетувањето на автобусите со грчки туристи се испади на поединци кои патат од лажен патриотизам и сакаат да му наштетат на градот и туризмoт. Грците се секогаш добредојдени во „словенскиот Ерусалим“, рекол Петрески, кој изразил подготвеност за збратимување на Охрид со некој грчки град.
На средбата градоначалникот упатил покана до Конзулот на Грција во Македонија да биде гостин на најголемата зимска манифестација, празникот Богојвление-Водици, која веднаш била прифатена.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com