На денешниот прес, претседателката на FERYP Александра Рајкова (Бугарија), информираше за целите кон кои се стреми оваа организација_
„Европскиот ромски младински форум има околу 5.000 членови од најразлични делови на Европа, од Шпанија па се` до Русија. Преку вакви манифестации се трудиме да обезбедиме повеќе информации и поддршка за младите луѓе Роми за нивно полесно интегрирање во општествата во кои живеат. Нашата популација е млада, преку 40% се млади луѓе до 35 години. Од активностите кои ги преземаме посебно е важно и лобирањето во Советот на Европа“ вели Рајкова.
Од пред неколку години трае е „Декадата на Ромите“, период во кој би требало да се направат многу проекти и конкретни акции за подобрување животот на Ромите во сите сегменти и во сите држави во кои живеат. На прашање зошто Форумот ја одбрал Македонија за свои значајни активности, Рајкова одговара_
„Македонија е вистински пример за соживот помеѓу повеќе народи. Европа може да учи од Македонија. Оваа констатација ја имам искажано и на многу семинари и форуми низ цела Европа. Иако не е се идеално, сепак односот кон Ромите е неколкукратно подобар во Македонија отколку нпр. во мојата Бугарија“
Активностите на Форумот во нашиот град започнуваат од утре (22. август) и ќе траат до 24-ти овој месец. Освен концерти на Амфитеатарот со учество на групи од Шпанија, Словачка, Србија и Македонија, предвидени се и интерактивни активности со граѓаните, Саем на невладини организации, потпишување петиции и сл.