Охриѓани и туристите кои престојуваат во Охрид имаат на располагање само неколку јавни фонтани и чешми во централното градско подрачје и стариот дел на градот, каде што може да ја изгасат својата жед за време на летните горештини.

Покрај малиот број на фонтани, дел од нив ова лето не се во функција. Таков е примерот со фонтаната кај гимназијата „Свети Климент Охридски“ и фонтаната кај црквата „Света Софија“ во повеќе наврати не беше не е функционална откако се изгради новата ограда.

Туристичките работници сметаат дека Охрид како туристички центар не треба да има вакви пропусти и дека треба да преземе мерки за зголемување на бројот на јавни чешми со вода за пиење.

-Освен фонтаната кај „Чинарот“ и фонтаната во Градскиот парк на кејот, нема други чешми во центарот на градот. И по шеталиштето на кејот нема фонтани, а единствено вода за пиење има на јавната чешма кај каналот „Студенчишта“, кај Центарот за обука на вода. Во стариот град функционални се чешмите кај „Горна порта“, кај плажата „Сараиште“ и фонтаната кај Малиот полоштад. Но освен на фреквентните места потребни се чешми со вода и на повеќе други локации низ градот, како што се на пример автобуските постојки, пред јавните институции и слично, вели искусен туристички водич кој редовно води туристи на туристички разгледи низ Охрид.

Според него не се потребни многу модерни и скапи решенија, туку се потребни фонтани од типот на онаа која беше поставена на Малиот плоштад во „Влашка Маала“.

Дека Охрид има потреба од поголем број на фонтани со вода за пиење сметаат и туристите кои во моментот престојуваат во Охрид.

-Охрид е град на вода и недозволиво е да нема достапна вода за пиење на јавните места. Фонтаните се особено значајни во лето кога е жешко. Во неколку наврати во вечерните часови имам забележано дека се чекаат редици за пиење вода на фонтаната кај Градскиот парк и кај Чинарот, што е доволен показател дека водата за пиење на јавни места е навистина потреба, вели Весна. Ј (50), турист од Србија.

Од ЈП „Проаква“ велат дека тековно ги преземаат сите мерки сите постоечки фонтани да бидат во функција, а во моментот се работи и на изградбата на нови фонтани.

-Фонтаната кај Гимназијата не е во функција поради технички проблем. Од непознати вандали украдена е куглата од нејзиниот надворешен дел и затоа фонтаната не работи. Нашите екипи ќе направат напори во текот на наредните денови оваа фонтана да проработи. Што се однесува до фонтаната кај црквата Света Софија таа нема дефект и најверојатно се работи за времено исклучување на водата и ќе бидат преземени мерки водата повторно да биде вклучена, ни изјави во телефонски разговор Сашо Сотироски, раководител на техничката служа во ЈП „Проаква“ во Охрид.

Тој најави дека за десетина дена ќе треба да профукционираат новите фонтани на плоштадот кај Мини Маркет, каде што покрај двете модерни украсни фонтани, ќе има и фонтана со вода за пиење.

Сотироски додаде дека одлуките за поставување и изградби на нови фонтани ги носи Фондот за комунален развој при општина Охрид, а Јавното претпријатие може да биде задожено само за поставување и одржување на истите.

Е.М