„Охрид прераснува во втор главен град на Република Македонија со одржувањето на големи настани на кои учесници се важни личности од политичкиот, економскиот и воопшто од општествениот живот“ изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески  на денешната прес-конференција свикана по повод Петтиот Регионален економски форум за Југоисточна Европа што ќе се одржи на 20 и 21 ноември  во Охрид.


Петрески е убеден дека  и овој форум ќе помине во одлична организација, а локалната власт ќе даде се за да го претстави Охрид во вистинско светло. До одржувањето на Форумот, како што кажа првиот човек на Охрид треба да се осветли влезот во градот од кај Аеродромот како и потегот од хотелот „Застава“ до комплексот „Метропол- Белви“.


„Регионалниот економски форум за Југоисточна Европа требаше да се одржува во Скопје, но иницијативата на претседателот Црвенковски беше оваа средба да се организира во  Охрид, кој во повеќе наврати се покажа како одличен домаќин на големите настани“, рече Зоран Иванов од кабинетот на Црвенковски.


 Темата на петтиот економски форум е „Конкуренти и партнери на патот кон Европската Унија, а досега своето учество го потврдија  претседателите на Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија, и Албанија. На 20 и 21 ноември во Охрид доаѓаат и претставници од  Претседателството на Босна и Херцеговина, како и од Дирекцијата на Европската комисија за проширување. Организатор е невладината организација Ревикон.

Ohridnews