Охриѓани уште еднаш покажаа колку големо срце имаат и дека се силни и единствени секогаш кога треба. На хуманитарниот концерт за поддршка на нашиот сограѓанин Трајан Целески ТАЧО, на кого итно му е потребна финансиска помош за да ја продолжи битката со тешката болест, синоќа на игралиштето Стобекс во населбата Видобишта присуствуваа многу охриѓани, во голем дел млади.
Почитувајќи ги мерките за заштита од Ковид 19, присутните уживаа во настапот на познатиот охридски бенд Броз и диџеј Јован и донираа средства за хуманитарниот настан. Заедно со влезниците, продажбата на пијалаци и донаци, беа собрани нешто над 381.000 денари, кои организаторот на настанот ги уплати на сметката за донации на семејството на Тачо.
Атмосферата на хуманитарниот хепенинг кулминираше на култната „Лихнида кајче веслаше“ која бендот Броз ја испеа заедно со навивачката група Рибари, која направи извонредно пиротехничко шоу за поддршка на Тачо.
Охриѓанецот Трајан Целски – Тачо, кој пред 2 години се избори со тумор на мозокот, е исправен пред нов здравствен предизвик. Нему итно му е потребна соодветна терапија која чини околу 20 000 евра.
Број за донации: 143 133 „Т-mobile“.
Жиро сметка за донации: 500600018999581 – Ристо Целески АД „СТОПАНСКА БАНКА“
OhridNews