Охрид ќе ги преземе сите неопходни мерки подготвено да ги дочека туристите на ривиерата и да им гарантира спокоен и безбеден одмор. Ова меѓу другото беше истакнато на работниот состанок што се одржа на иницијатива на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, на кој учествуваа претставници на УЈП, Полиција, Пазарен инспекторат, туристички работници и други инволвирани субјекти во туризмот.
-Интензивно работиме на отстранување на аномалиите кои се провлекуваат со години и се надевам ќе бидеме подготвени до почетокот на главната сезона. – изјави Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.
Тој истакна дека состанокот се одржува во чувствителен безбедносен момент кој, како што истакна, не треба да влијае на туристичката сезона.
-Туристите можат да се чувствуваат спокојно и безбедно во Охрид.-додаде Апостолов.
Полицијата подготвено ќе ја дочека и оваа туристичка сезона, истакна портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
-На целото подрачје на СВР Охрид имаме крајно поволна безбедносна состојба.-рече Димовски.
Тој посочи дека и ова лето ќе биде испратено барање до МВР на Србија за заедничка патрола на македонски и српски полициски службеници во Охрид, а се прават напори таква соработка да биде воспоставена и со други земји.
– Во координација сме такво барање да испратиме и до Холандија со оглед на присуството на голем број туристи од Бенелукс во Охрид и се надеваме дека веќе ова лето ќе успееме да воспоставиме бебедносна соработка со холандската полиција.-додаде Димовски.
Асим Меџедовиќ – сопственик на туристичката агенција „Фибула Ер Травел“, партнер на тур-операторот „Корендон“, истакна дека засега нема поголеми откажувања поради актуелната безбедносна ситуација, но има знаци на претпазливост.
-Има такви знаци по објавата на официјалната веб страна на холандската амбасада за претпазливост при патување во Македонија, но се надевам дека таа информација што поскоро ќе биде отстранета бидејќи не соодветствува со реалноста и се надевам дека тоа веднаш ќе придонесе да се зголеми трендот на зголемување на бројот на туристи во Македонија, посебно во Охридско – струшкиот регион.-изјави Меџедовиќ.
Тој додаде дека македонските туристички работници се претпазливи и водат сметка се да биде во ред во местата каде што гравитираат туристите.
-Имаме добра координација со локалните власти и полицијата и се надевам дека од нивна страна ќе добиеме уште поголема поддршка и дека нема да имаме последици.-додаде Меџедовиќ.
Во врска со негативните појави и недостатоците во туристичката понуда на Охрид и Струга, Меџедовиќ изрази надеж дека во координацијата со општините истите ќе бидат отстранети.
-Дел од проблемите со кои се соочува приватиот сектор се дивите превозници, дивите туристички водичи и човек-агенциите кои создаваат нелојална конкуренција и го нарушуваат имиџот на Македонија, потоа нападното нудење на флаери за екскурзии и слично. Се надевам дека во најскоро време сето тоа ќе се отстрани и гостите кои ни доаѓаат ќе имаат убав одмор и дома ќе понесат добри коментари и повторно ќе се вратат.-рече Меџедовиќ.
Заклучоците од денешниот состанок ќе бидат преточени во акционен план со конкретни задачи за сите чинители на туризмот, се со цел Охрид подготвено да ја пречека главната сезона.
Горан Момироски