Општина Охрид доцни со донесување на одлука за  почнување постапка за  доделување на концесија за регионална депонија. Иако беше најавено, таа не беше донесена ниту на вчерашната седница на Советот, која беше прекината по првата пауза, поради немање кворум

Претходно, советниците на НСДП побараа точката да биде симната од дневен ред затоа што не е изработена физибилити студија и не е одредена локацијата каде ќе биде регионалната депонија.

Според градоначаклникот Петрески неопходно е да се донесе одлука за почнување постапка за доделување на концесија за регионално интегрирано управување со отпад во Југозападниот плански регион, по што ќе следи изработка на физибилити студија и одредување на локација за депонијата која треба да опслужува 13 општини. Освен општината Охрид, сите други општини од Југозападниот плански регион имаат донесено одлука за почнување постапка за доделување концесија за регионална депонија, додаде Петрески.

Експертите укажуваат дека неопходно е да се изгради регионална санитарна депонија со што долгорочно ќе се реши проблемот со одлагање на отпадот и ќе се заштити животната средина. Локацијата на регионалната депонија сеуште не е одредена, а исклучена е можноста таа да биде лоцирана во сливното подрачје на Охридското Езеро.

OhridNews