Охрид домаќин на Студентската конференција – Охрид 2024 во организација на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а со поддршка на Општина Охрид.

Огромно е задоволството да се биде домаќин на дводневната студентска конференција на кој што главната улога ја имаат студентите, движечката сила на општеството, рече во обраќањето пред присутните заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски.

Овој интердисциплинарен настан е наменет за вмрежување на учесниците, откривање на нови можности, соработка и знаења. Конференцијата е потсетување дека професорите, семејството, креаторите на политики на национално и локално ниво треба да го направат максимумот за да овозможат оваа младешка енергија да се канализира, да се насочува и да се искористи на најдобар можен начин, за општо добро на студентите, на локалната средина, меѓутоа и централната, и во крајна инстанца, за доброто на земјата воопшто, рече Божиновски.

Потенцираше дека од фокусот на вниманието никогаш не смее да исчезнат студентските барања секако доколку се за општ развој и добро на сите нас.

Вие драги студентите сте главните креатори и чинители на општествените промени. Ако вие верувате дека можете да ја направите промената што ќе ја посакате тоа и ќе се случи. Од секогаш Вие сте биле најважната алка во општсеството кое останува на вас. Секој студентски протест, митинг, движење оставал белег и се вмрежувал во општествениот систем. За растот на секоја држава е неопходно луѓето да бидат заинтересирани, да бидат информирани и да бидат активни во врска со општествените прашања. Студентите се особено важна група која може да биде клучен катализатор на општествени промени, посочи Божиновски.

На студентите им порача да донесат заклучоци кои ќе обезбедат долгорочен напредок на студентската заедница и општеството воопшто, а слободното време да го искористат за прошетка низ Охрид и посета на историските споменици.

OhridNews