Градот Охрид и спортската арена „Билјанини Извори“ ќе бидат домаќини на завршниот турнир во Купот на Македонија кој ќе се одржи на 13 и 14 мај.
Во Охрид по втор пат за кратко време ќе има финална разврска во националниот Куп. Охриѓани одблиски во куп мечевите можеа да уживаат во 2013 година, кога Вардар го совлада Металург во финалето.
Годинава, завршниот турнир во Охрид ќе биде збогатен со учеството и на охридскиот клуб кој се избори за влез во најдобрите четири екипи.
Општината Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески и Ракометниот клуб Охрид ги вложија сите напори во договарањето со Ракометната федерација на Македонија за одржување на уште еден ракометен спектакл во Охрид.
Охридските „гладијаторите“ во 1/2 финалето ќе се сретнат со Вардар додека другата полуфинална двојка ја сочинуваат екипите на Металург и Вардар Јуниор.
Полуфиналните мечеви на програмата се во петок на 13 мај (17:30ч и 20ч) додека финалето се игра на 14 мај во сабота со почеток во 17:30ч.
Мх.П.